Формирањето на национална установа Џез оркестар, не случајно ја разбранува Македонската филхармонија, но и пошироката јавност, пишува во својот став Мелпомени Корнети, поранешна директорка на Филхармонија.
Нејзиниот став го пренесуваме во продолжение:
Како некогашен учесник во професионалниот пат и развој на оваа институција, ги разбирам загриженоста на вработените и отпорот кон одлуката на Владата за сместување (привремено!?) на новата институција под покривот на филхармонискиот дом.
Како поддршка кон барањето на Филхармоничарите да се преиспита оваа одлука, ќе наведам неколку причини и аргументи:
– Новата национална установа, иако е музичка, не е компатибилна со дејноста на МФ. /Освен тоа, има хиерархија и меѓу институциите со предзнак национални.
Филхармонијата е формирана во 1944 г., како прва културна институција во новата држава, НР Македонија во состав на ФНРЈ, затоа што покрај националното радио, а подоцна и тв, МНТ, музеите и секако универзитетот, тоа се темелни институции – атрибути на државата.
– Филхармонијата долго и макотрпно работеше за да добие достоен објект, по професионални стандарди. Тој објект треба да служи за натамошен растеж и развој на симфониската дејност во Македонија, во што подразбирам: редовна дејност на камерни ансамбли (оркестар, гудачки квартет, дувачки квинтет, состав перкусионисти, едукација и тн.), како и професионален хор, со кој Филхармонијата би можела да ја прошири својата програма кон вокално инструментални дела, кои досега ретко ги има на репертоарот.
– Како е дојдено до тоа да се формира Џез оркестар како национална установа, а местото да му се одреди во објектот на МФ, е прашање за Министерството за култура, кое во случајов, меша две различни категории.
– Џез музичарите, танцовиот оркестар, беа дел од основањето и традицијата на Радио телевизија Скопје/подоцна МРТ, заедно со уште пет ансамбли. Од таму беа “збришани” поради неупатеност или кусогледост на едно раководство и тогашна влада. Тоа болно искуство, нека барем спречи нови грешки
– Оваа сфера/Џез музика, високо ја почитувам, ги ценам музичарите и кога сум била во позиција, максимално сум ги поддржувала. За радување е што повторно се размислува за нивната дејност, но сметам дека решението треба да се најде во друга констелација. Убедена сум дека тоа е можно, ако се разбере суштината и се согледаат алтернативи.
Би била неискрена, ако на крајот од мојот став за оваа актуелна ситуација, не го изнесам и ова мислење – последниве години, МФ како да подлегна на една тенденција на свое популаризирање, преку концерти со гости и програми од други жанрови, кои ја “разводнија” основата дејност – суштината на симфониската музика како врв во музичкото творештво.
И тоа е музика и има публика која ја сака, но не требе да се премине границата, а тоа е мисијата на симфониски оркестар. Можеби ова (програмско) отстапување им даде надеж на иницијаторите на новата национална установа да бараат закрила во Македонската Филхармонија!
(Главно, ова жанровско шаренило, по правило комерцијално, ако вклучува музичари симфоничари, се решава надвор од матичната национална институција, на комерцијална основа).
Но, како и да е, не познавам случај на таква “симбиоза” меѓу симфониски оркестар и џез оркестар под еден покрив/во меѓународни релации..
Оттаму, уверена сум дека настанатата контроверза во Министерството за култура, ќе се реши логично и задоволително.
Мелпомени Корнети
(поранешна директорка на Македонската филхармонија)