Првата премиера на куклена претстава при Македонскиот народен театар била изведена на денешен ден во 1946 година. Станува збор претставата „Силјан Штркот“, работена според истоимената народна приказна.
Имено, Македонски народен театар прв ја согледува потребата од негување најмлада публика – децата, со што создава услови за формирање куклен театар.
Поради тоа во 1946 година, само една година по неговото формирање МНТ, формира и Куклена сцена иницирана и остварена од режисерот Светлана Малахова и актерот Петре Прличко, која на плакатот за првата претстава е назначена како Куклен театар за деца.
Во 1949 година и официјално прераснал во Градски куклен театар, чиј директор бил Лазар Балабанов. Во сезоната 1957/58, под раководство на Ристо Стефановски, театарот се реорганизирал во Младинско- детски театар.
Веројатно токму и поради авантурата и перипетиите во кои се преплетува светот на реалноста и фантастичноста, не случајно е одбрано таа магија на театарот да се отвори/разоткрие со Силјан Штркот.
Премиерно прикажана на 21 април 1946 година, Силјан Штркот живее 76 години на сцената на МНТ, најпрво во драматизација на Петре Прличко, според избор од македонското народно творештво, објавено во трудовите на Марко Цепенков, а сега во драматизација на Дејан Дуковски, потпирајќи се и продолжувајќи ја таа традиција. Силјан Штркот започнала преку изработката на куклите и режијата на Светлана Малахова, и продолжува да живее денес преку маските и живата игра на актерите.