четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

На „Скопско лето“ изложба инспирирана од играчките и роботите

На „Скопско лето“ изложба инспирирана од играчките и роботите

„Играчки и роботи во книгите на уметниците – пергамент концертина“ е насловена изложбата која вечер од 20 часот во рамки на „Скопско лето“ ќе биде отворена во НЛБ Галерија. Дирекцијата за култура и уметност-Скопје ја организира во соработка со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).

Авторка на изложбата е Лепосава Милошевиќ-Сибиновиќ, академски скулптор и сликар од Србија, за која играчките и роботите се ликовна инспирација. Учесници во проектот се уметници од Србија, Македонија, Франција, Мексико, Шпанија, Унгарија, Бугарија, Ерменија, Куба, Хрватска, Канада, Русија.

Според авторката, човековата потреба за играње е стара колку и човекот и е поврзана со разни предмети – од едноставни, пронајдени во животната средина, до комплексни современи електронски уреди. Играчките се неразделен предмет при растењето, но се и културен показател за времето во кое биле (постоеле) или се  уште се актуелни.

Играчки изложба 2

– Малиот човек се идентификува со својот омилен предмет, а честопати во подоцнежните години го чува како симбол на вечен спомен од детството. Во директен контакт со играчките, се стекнува искуство и вештина, се развива имагинацијата, негува желбата за надминување на пречките, се поттикнува натпреварувачкиот дух но и креативен потенцијал. Сето ова е од суштинско значење за разбирање на емоционална и психолошка состојба на детето, за подоцна да стане потпора  во животот, наведува авторката Милошевиќ-Сибиновиќ.

На програмата Кафе-кино, пак, вечер од 21 часот во Сули ан е романтичната комедија „Париз може да почека“ во режија на Еленор Копола.