Изложба на академскиот уметник Бојан Ковски насловена „Панта Реи“ ќе биде отворена вечер во 19 часот во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија.
За оваа изложба Ковски е инспириран од неговиот живот поврзан со водата како главен извор на живот за сите нас, а во неа ќе бидат вклучени 12 дела масло на платно. Тој ја разработува формата на човечкото тело и природата, коишто претставуваат константен тек и перцепција на човечката визуелизација.
Во кураторскиот текст од Анжелика Апсис кон изложбата, меѓу другото се посочува дека сработеното најдобро се брани без посредници, со самото постоење, а Бојан Ковски е уметник чие творештво се стреми во нагорна линија.
– Неговиот опус е во процес. Едно дело се надоврзува на друго. Сложена е и специфична структуратата на овие уметнички дела во нивниот целосен изглед. Тој ја одбира водата како еден од четирите основни елементи на планетата Земја. Водата иако е една од најпроучуваните супстанции, таа сепак е најмалку разбрана. ,,Ништо не е толку сложено како нејзиното однесување“ – Џон Емсли. Во неа телата ги истегнува до крајни граници. До неспоивото! Божествена елеганција и крајна експресивност. Тие скоро секогаш како да се подаваат, како да посегнуваат по нешто кое за нас ќе остане засекогаш скриено, се наведува во текстот.
Ова е, посочува Апсис, негов втор циклус во кој уметникот не пушта во неговиот свет, каде се се движи, се се менува.
– Сликите се вртат во 360 степени, но прегратката останува силна. И колку и да сакаме нашата критика на овие дела да биде објективна, таа сепак, се сведува на нашето лично видување на нештата. Таму каде што ние се пронаоѓаме, вели кураторката Апсис, која текстот го завршува со цитат од уметницата Дијана Томиќ Радевска „сè тече, низ промените на нашиот краток живот, сè се менува, уметноста останува истражувачки запис на едно време, на едно доба, а времето е толку кратко“.
Бојан Ковски е академски сликар, кој своите студии ги има завршено на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, генерација 2011-2015, под менторство на проф. Антони Мазневски. Во своето портфолио Ковски има неколку самостојни, групни изложби и перформанси. Во неговите дела се изразува со слики масло на платно, како и body paint перформанси.
Изложбата на Ковски ќе биде достапна за посетителите до 21 декември.