среда, 6. март 2024. Вести денес: 0
home Култура

Патувачката изложба на Дороти Пачкова во Струга

Патувачката изложба на Дороти Пачкова во Струга

Во галеријата „Вангел Коџоман“ во Струга денеска ќе биде отворена патувачката изложба „Уште што друго сум освен што сум канцер во општеството?“ на Дороти Пачкова.

Изложбата содржи 20 концептуални фотографии на жена во различни ситуации од нејзиното секојдневие.

Преку проектот авторката сака да влијае на културните ставови и да ги трансформира стереотипите. – Феминистичката уметност, како овој проект, отвара полиња и сфери кои порано не постоеја, не беа на дневен ред за дискусија и преобмислување, посебно отварајќи простор за активистичката уметност и нудејќи можности за разрешување на проблемите со женскиот идентитет, преку интердисциплинарен пристап, вели Пачкова.

Авторката, како што наведува, преку проектот сака да влијае на културните ставови и да ги трансформира стереотипите кон жените, посебно кон самохраните мајки. Целта е на публиката да и претстави какви се способности може да имаат жените, посебно – да еманципира дека сингл мајките не се канцер на општествата.

Пачкова се надева дека ќе ги поттикне и мотивира донесувачите на одлуки за јавните родови политики, кои ги опфаќаат самохраните мајки да излезат од игнорантската позиција и да одговорат според нивните специфични начини на дејствување и живеење, кои им ги наметнуваат семејните околности.

Изложбата беше прикажана во Охрид, а во наредниот период предвидено е нејзино претставување и во Тетово, Штип, Битола и Скопје.