Националната галерија информира дека од денеска ќе почне да се гради инсталацијата на уметникот Атанас Атанасоски. Идејниот проект „Пејзажни фасцинации 20“ ќе биде изграден во поткуполниот простор на големата галериска сала во Чифте амам.
– Првиот програмски проект за оваа година „Пејзажни фасцинации 20“ на Атанас Атанасоски сé надоврзува на неговите претходни проекти во кои концепцијата се темели на монохромијата, минимализмот, математиката – геометријата и имаат за цел да ја бараат естетиката на хармонизирање на соживотот помеѓу природата и човекот, нешто што и по најновата криза низ која минува човекот со пандемијата на вирусот КОВИД-19 се покажа како особено нужна, се вели во соопштението од Национална галерија.
Инсталацијата ќе ја сочинуваат неколку сегменти кои во повисокиот дел ќе завршуваат во кружна форма следеќи ја куполната форма.
-Кругот како омеѓување на куполата ја изразува комплексноста на човекот во сите негови аспекти и космичкиот видокруг, кој ќе се манифестира како стилистички факт на просторни метафори, откривање на галактички светови, се наведува во соопштението.
Атанас Атанасоски е роден на 30 јануари 1961 година во Прилеп. Дипломирал во 1987 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Посдипломски престој на ФЛУ во Будимпешта 1992-95 година. Докторирал на Институтот за национална историја во Скопје во 2010 година на тема „Историско-уметничките аспекти на орнаменталните мотиви во ѕидното сликарство на спомениците во Пелагониската епархија од XII до XVII век“. Досега реализирал повеќе самостојни изложби и бил дел од повеќе групни изложби во државата и светот.
Националната галерија потсетува дека испорача неколку интерактивни проекти како „Уметнички дневници“, „Уметнички предизвик“, „Нашите херои“ со цел да ја одржи врската со публиката, да се престрои во условите на „новата нормалност“ и да ја адаптира реализацијата на програмата.