четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Пијанистката Јеол Еум Сон од Јужна Кореја на концертот „Фрески“ во Филхармонија

Пијанистката Јеол Еум Сон од Јужна Кореја на концертот „Фрески“ во Филхармонија

Со оркестарот на Филхармонија вечер ќе настапи една од најдобрите млади пијанистки на светската музичка сцена – Јеол Еум Сон од Јужна Кореја. Концертот е насловен „Фрески“ според истоименото музичко дело на македонскиот композитор Благоја Ивановски кое ќе биде изведено на овој концерт, заедно со Концертот за пијано и оркестар бр.2 и „Танцот на смртта“ од Камиј Сен-Санс.

Концертот за пијано и оркестар во ге-мол Камиј Сен-Санс, како што соопшти Филхармонија, го напишал во 1868 година. Големиот руски пијанист Антон Рубинштајн, еден од големите пријатели на композиторот, дошол во Париз за серијата од осум концерти кои требало да се реализираат под диригентската палка на Сен-Санс. Пред крајот на концертните серии, Рубинштајн сакал да дебитира како диригент во Париз, а Сен-Санс да настапи како пијанист. Сен-Санс започнал да го пишува Концертот во ге-мол веднаш по иницијативата на Рубинштајн и успеал да го заврши за неверојатни 17 дена. Премиерната изведба била на 13 мај – Рубинштајн го водел концертот, а Сен-Санс настапил како солист.

„Танц на смртта“ е една од четирите тонски поеми кои Камиј Сен Санс ги создал во 1870 година, сите инспирирани од Франц Лист и неговите истоимени дела од 1849 година. Сен-Санс прави тематска трансформација и интегрира специфична оркестрација во концептот, идејно преземан од Лист. Првично е напишана како песна за глас и пијано на текст од поетот Анри Казалис кој се базира на старо француско суеверие. Во 1874 година, композиторот го адаптира делото во оркестарско, заменувајќи го гласот со партија во виолините.

Благоја Ивановски (1921–1994) е македонски композитор од втората генерација македонски повоени творци. Заедно со Глигор Смокварски и Кирил Македонски, бил еден од втемелувачките на современиот македонски симфонизам. Поголемиот дел од творечкиот опус на Ивановски е посветен на симфониското творештво, во чии рамки доминираат историски теми. Во таа насока се движи и неговото симфониско дело „Фрески“, напишано во 1961 година, во кое го сумира својот препознатлив стилски печат кој е умерено модерен. Пристапот кон третманот на формата и во ова дело има типична и шематизирана форма, која се пресликува и во основните композиторски постапки.

Светската критика ја оценува јужнокорејската пијанистка Јеол Еум Сон како врвен изведувач со грациозна и безвременска интерпретација, кристален и разнобоен тон и возбудливи изведувачки перформанси. Важи за брилијантен вирутоз и за пијанистка која прави соврешен баланс меѓу енергијата и гравитацијата со својата изведба. На светските сцени настапува и како рецитален изведувач и како пијанист со најзначајните симфониски оркестари во светот. Нејзиниот репертоар е разновиден и еклектичен, таа изведува музика од Бах, Моцарт, од германските и руските романтичари, Вагнер, Шимановски, Лигети, Салонен…

Настапувала со најдобрите светски оркестри, како што се Њујоршката филхармонија, оркестарот на театарот „Марински“, Чешката филхармонија, Концерт хаус оркестарот од Белрин, „Московски виртуози“… Нејзините концерти ги воделе диригенти како што се Дмитри Китајенко, Валери Гергиев, Васили Петренко, Владимир Спиваков, Кшиштоф Урбански, Мико Франк, Пабло Гонзалез и др.

Сашо Татарчевски е роден во Битола каде што се здобива со основно и средно музичко образование. Дипломира и магистрира на ФМУ во Скопје на катедрите за хорско и оркестарско диригирање, а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано.Настапувал со различни ансамбли,вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера, Симфонискиот оркестар на „Битолско културно лето“, Солисти на ФМУ, Симфонискиот оркестар на ФМУ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, Мандолинскиот оркестар при МКЦ и други камерни и симфониски состави.

Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето, како диригент на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Проарс“.