На Факултетот за музичка уметност денеска од 13 часот ќе биде промовиран каталог за мелограмите од легатот на истакнатиот македонски фолклорист Васил Хаџиманов. Каталогот го изработија Николче Витковски и Цветанчо Николоски, студенти на програмата од втор циклус студии за музички науки при ФМУ, под менторство на проф. д-р Димитрије Бужаровски.Во каталогот се попишани 10.166 мелограми од обемниот легат на Васил Хаџиманов, што се наоѓа во архивот на МАНУ.
– Со попишување на мелограмите се прави уште еден исчекор во содржината на легатот и брзото и лесно пребарување, посебно имајќи ја предвид неговата обемност. Ова е и од особено значење за заштитата на македонското духовно културно наследство, соопшти организаторот.
Каталогот ќе биде примарно депониран во Архивот Бужаровски (БузАр) – најголем дигитален архив на звучно културно наследство во Македонија, во кој се наоѓаат дигитализирани и во најголема мерка каталогизирани два терабајти со аудио, видео, фотографии, книги, есеи и публицистички текстови, МИДИ, партитури, мелограми, бази на податоци – поврзани со македонското и балканското културно наследство.
На промоцијата каталогот ќе им биде предаден на претставници на Македонската академија на науките и уметностите, каде се наоѓа легатот на Хаџиманов.