понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Промоција на новиот роман на Петар Андоновски „Страв од Варвари“

Промоција на новиот роман на Петар Андоновски „Страв од Варвари“

Новиот роман од Петар Андоновски, „Страв од Варвари“ ќе биде промовиран вечер во кафе бар „Ла Кања“.

Романот е во издание на Или-Или, а за него ќе зборуваат Румена Бужаровска и Славчо Димитров.

Во предговорот од Лидија Капушевска Дракулевска се вели дека во романот наизменично се испреплетени два наративни тека на два женски гласа: Русинката Оксана и Гркинката Пинелопи. Наспроти општопознатата метафора на името на Гркинката (експлицитната алузија на Пенелопа кај Хомер), помалку е познато дека и името Оксана, покрај словенското (украинско) потекло (со значење: во слава на Бог), во превод од грчки значи „странец“, но и „гостољубив“, што исто така добива метафорички конотации во контекст на романот.

Андоновски мошне уверливо ги портретира психолошките профили на двата носечки женски ликови преку сопствената автоперцепција, а преку нивната визура, пак, ги слика и портретите на цела плејада други ликови што упаѓаат во орбитите на нивните животи некогаш и сега.

Сите ликови се, на еден или на друг начин, нереализирани во животот, своевидни аутсајдери, со изневерени надежи и неостварени копнежи.

Такви се и ликовите на двете нараторки: и тие се инертни, пасивни, еднодимензионални, ним им недостига вториот дел од нивната личност, отсутната жена-пријателка, олицетворение на динамичниот, активен принцип на постоењето.

Без нивното „алтер его“, животот на двете нараторки е бесмислен, празен и апсурден. Просторното вкрстување на двојната нарација се случува со доаѓањето на тројцата Руси (всушност Украинци, но во времето на кое се алудира во романот, Украина е сѐ уште во составот на СССР) на островот Гавдос и со овој настан се воведува клучната тема во романот – варварството.

Петар Андоновски е роден 1987 година во Куманово. Тој е автор на: „Ментален простор” (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли” (роман, 2013, три изданија), „Телото во кое треба да се живее” (роман, 2015, три изданија), „Страв од варвари” (роман, 2018).

Добитник е на наградата Роман на годината на Утрински весник за романот „Телото во кое треба да се живее“.

МИА