Во Националната установа, Центар за култура – Дебар беше одржана ретроспективна изложба, посветена на Живко Саревски, познатиот дебарски академски сликар и професор по ликовна уметност.
На ретроспективната изложба на починатиот Саревски беа изложени 33 дела изработени во различна техника и тематика.
Саревски е роден во Дебар, средно уметничко училиште завршил во Скопје, петгодишната обука кај Никола Мартиноски и Лазар Личеноски а дипломирал на Академијата на ликовни уметности во Скопје.
Како член на ДЛУМ, редовно учествувал на сите заеднички традиционални годишни изложби на ДЛУМ во Скопје.
-Ова е најмалку што можевме да направиме за нашиот познат и почитуван академски сликар, а на многумина од нас и професор по ликовна уметност, кој останува легенда во уметноста. Чест ми е што успеавме да ја организираме оваа изложба за човекот кој е синоним за талентот во уметноста, во кого секогаш сме ја барале креатвност а тоа го потврдува изреката која се користи во Дебар „црта како Живко“, рече меѓу другото Зинче Мимидиноски, директор на Центарот.
Додава дека изложбата е поддржана од Министерството за култура, како проект од национален интерес за 2021 година и е составен дел на годишната програма за работа на Центар за култура – Дебар за 2021 година.
На изложбата присуствуваа неговите синови Јовица и Петар Саревски со семејствата.
-Голема благодарност до Центарот за култура за оваа почит што му се оддава на нашиот родител. Посебна благодарност до директорот Мимидиноски и сите вработени, чиј дел до пред повеќе години бев и јас. Ние како негови чеда се потрудивме и отпчативме монографија за него, истакна Јовица Саревски, кој го наследил талентот на неговиот татко.
Меѓу повеќето присутни на изложбата беше и Латиф Пајкоски, од долнореканското село Жировница, кому Саревски му бил професор додека тој бл ученик во дебарската гимназија.
-Беше одличен педагог, а за уметник мислам му немаше рамен. Се што научив од ликовната уменост му должам токму нему. Премногу го почитувам и не можев да не дојдам на оваа изложба, изјави Пајкоски.
Дело на Живко Саревски се мозаиците кои ги красат објектите на „Дебарски Бањи-Цапа“ во локалитетот Бањиште. Саревски е роден во Дебар 1927, а почина исто во Дебар 1978.