Раде Шербеџија на 19-ти март од 20 часот во Големата сала на Центарот за култура ќе има свој ексклузивен концерт, единствен во Македонија со својот албум „Не свртувај се сине”. На сцената ќе биде заедно со бендот “Западни Колодвор”.
Легендарниот актер, со светска слава Шербеџија, кој со култната улога на Александар во филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, пред повеќе од четврт век беше дел и од големиот меѓународен успех на ремек-делото на македонската филмска уметност, изненади со овој албум – „Ne okreći se, sine“, традиционално, во издание на најголемата регионална дискографска куќа „Croatia Records“.
Новиот студиски албум на легендарниот актер, поет и музичар е врвно музичко достигнување што ни доаѓа како подарок во живо за публиката која на 19 март ќе биде во Битола, а создаден е во време на короната, кога паузираше филмската индустрија.
Најавен со хитот „Ето пјесме“ кој за него го напиша Хусеин Хасанефендиќ од „Парни ваљак“, Шербеџија албумот го сними со екипа одлични музичари на крајот на 2020.
На албумот, Шербеџија го остава и својот авторски потпис, посветувајќи му ја песната „Шехерезада“ на познатиот словенечки театарски режисер Томаж Пандур, за која аранжманот го создаде нашиот Диран Тавитјан.
Билетите за концертот чинат 800 денари и веќе се во продажба.