Едновековниот јубилеј од возобновувањето црквата Света Петка во тетовско Стенче ќе го одбележи во петок 21 април. Црковниот одбор информира дека успешни биле повиците до верниците кои донираат средства и со нив се изврши подновување на црковната околина и инфраструктура.
– По објавениот повик до верниците се собраа средства за набавување на црковно ѕвоно-камбана, поставена е нова влезна врата и готов е летниковецот. Сега уште подостојно ќе се одбележи јубилејот 100 години од изградбата на црквата Света Петка во село Стенче, на 21 април петок на празникот Источен Петок-Балаклија, информира Петре Гроздановски, благајник на црковниот одбор.
Во петок празничната литургија ќе почне во 9 часот, додека во 10 часот и 30 минути ќе се одржи водосвет и режење на кумските колачи. На пладне е планирано да почне заедничка братска и сестринска трпеза на љубовта и сеопшта народна веселба.
Црквата Света Петка која датира од 1923 година се наоѓа на планински предел над селото на планината Сува Гора. Од 2018 година црквата Света Петка е една од дестинациите на планинарско-рекреативната пешачка акција „Милениумска патека“.