недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Во Штип прв Фестивал за современа музика на Музичката академија при УГД

Во Штип прв Фестивал за современа музика на Музичката академија при УГД

Во организација на Музичката академија и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, денеска, во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип, од 19 часот, започнува првото издание на Фестивалот за современа музика.

Фестивалот ќе има цел да промовира млади и талентирани уметници од земјава и странство, сегашни и идни студенти кои ќе настапуваат во рамките на фестивалот, но воедно и нуди можност на македонската публика да слушне настапи и концерти на веќе афирмирани уметници.

-Современа музика е дел од програмата на светските концертни сцени и го буди интересот кај широкиот аудиториум. Сакајќи да ги пренесеме пoзитивните трендови од најпознатите музички центри го формиравме Фестивалот на современа музика на Музичката академија. Публиката во Штип и пошироко ќе има можност да слушне квалитетни концерти и поблиску да се запознае со современата музика, а со тоа да биде дел од светската современа концертна сцена, наведуваат организаторите.

На првата фестивалска вечер, во „Безистен“ ќе настапи реномираното камерно „Трио Академико“ во состав Златка Митева – флејта, Бранко Павловски – кларинет и Наташа Трбојевиќ – пијано. На репертоарот ќе бидат изведени дела од Евазен, Кавалини, Шмит, Сен-Санс и Јанковски.

На втората фестивалска вечер, утре вечер од 19 часот, исто во УГ „Безистен“ ќе настапат најдобрите студенти на Музичката академија кои ќе се претстават со дела од различни композитори и епохи.