Загадувањето е сериозен и комплексен проблем. За тој проблем не постои волшебно стапче или копче кое што можете да го вклучите или употребите за да може да го решите, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во интервјуто за емисијата „Патот кон“.
Водителот на емисијата по малку зачудено му вели на Шилегов дека за време на кампањата за локалните избори не викал така, туку дека тој е решението.
На ова Шилегов одговори: „Значи никогаш на граѓаните не сум им ветил брзо решавање на овој проблем. Гледајте ги моите настапи во текот на кампањата и во текот на официјалните обраќања до граѓаните, а реков дека оваа зима ќе ја имаме како аманет поставен од претходната власт во врска со загадувањето“.
Додека пред изборите Шилегов го ветуваше сосема спротивното, односно итно решавање на проблемот со загаденоста на воздухот, кога тие ќе дојдат на власт.
Вака се одвиваше разговорот со градоначалникот на Град Скопје во однос на загадувањето.
Ова е уште еден доказ на лагите на градоначалникот Петре Шилегов.
Да видиме како зборуваше Шилегов пред само неколку месеци во екот на кампањата. Видеото од Шилегов го има на официјалниот Youtube канал на неговата партија со датум од 12 септември.
– Како во изминативе години така и оваа Коце Трајановски повторнo ги дочекува есенскиве и зимски денови целосно неподготвен за справување со загадувањето кое што е најкритично во овој период од годината. И покрај бројните ветувања градската власт не стори ништо да го намали нивото на ПМ честички во воздухот во Скопје и дозволува сите ние да се труеме од загадениот воздух. На Скопје му е потребна итна стратегија за чист и квалитетен воздух кој што го дишат скопјани. Затоа по победата на локалните избори како нова градска власт ќе превземеме низа краткорочни и долгорочни мерки за намалување на загадувањето, рече Шилегов.
Се поставува прашањето кој Шилегов лажеше- тој од кампањата или тој од интервјуто.
Иако од СДСМ ветуваа дека имаат стратегија и дека кога ќе дојдат на власт ќе го решат проблемот со загадувањето, сега ја сменија реториката дека не може се` да се направи преку ноќ и дека проблемот е покомплексен отколку што изгледа.
Мерките кои ги најавија и кои ги спроведоа се мерки од претходното раководство како што е бесплатниот автобуски превоз. Покачувањето на акзицата на дизелот го оправадаа со тоа што на тој начин ќе се намалело загадувањето и луѓето нема толку многу да возат автомобили на дизел, а се виде дека е само мерка за полнење на државниот буџет. Исто така се предвидува мерка за зголемување на цената на паркингот за наводно да се намалел сообраќајниот метеж. Значи, секоја мерка што ја спроведе Шилегов ниту е краторочна ниту исполни своја цел. Доволно е да се видат мерните станици и ќе се види дека секојдневно Скопје руши рекорди на загаденост на ниво на свет. Ние сме во група со земји како Пакистан, Индија, Бангладеш, а едно време бевме и на прво место.
Шилегов дури и во својата програма „План за живот“ која изгледа повеќе како сликовница отколку како програма има посветено дел за намалување на загаденоста. Она што може да се забележи е дека речиси се му почнува со “ЌЕ направиме“. Ова е единствената програма на градоначалник без конкретени рокови, без конкретни планови само даден некој опис за тоа што се планира да се направи. Но, сепак има еден исклучок. Шилегов си има дадено рок само за една работа- планира да го направи Скопје зелен град во 2021 година и толку. Се друго од неговата програма се само слики и празни зборови.
Од ваквите конфузни настапи на Шилегов се доаѓа до заклучок дека, едно ветуваше додека беше во опозиција, а друго прави сега кога ја има власта. Единствено што направи во овие 3 месеци беше како да си ги вдоми партиските кадри и да стопира речиси се што е почнато од предходното раководство.