Готов е акцискиот план помеѓу Македонија и Бугарија, но како и досега, се крие од македонската јавност што предвидува истиот.
Никој точно не знае каква е содржината на тој план и што точно планира Владата да реализира на барање на Бугарија. Ако ги следиме досегашните дејствувања на премиерот Зоран Заев, јасно е дека тој покажа дека е подготвен да тргува со Македонија само за да ги оствари своите цели.
Не се знае дали и што е договорено за заедничката комисија за историски и образовни прашања и дали се прифатени бугарските услови и што од тоа се нашло во акцискиот план. Заев велеше дека не се дискутира за јазикот иако многу изјави на бугарски политичари, дел од историчарите и документацијата ги побиваа неговите тврдења.
Политичарот кој го смени уставното име на Република Македонија, кој си игра пазар со македонската историја и хероите од неа, кој дебатира за учебници и јазик, е подготвен на се.
Акцискиот план, односно секторскиот план за соработка со Бугарија е дефиниран од двете земји со размена на идеите меѓу двете земји. Заев изрази уверување дека негово усвојување и имплеметација ќе помогне во создавањето на севкупниот амбиент за решавањето на другите отворени прашања со Софија. Со оглед на фактот што од договорот за “добрососедство“ добивме само блокада, можеме да замислиме што ветува Заев за да попушти Бугарија. Секое негово ветување е на директна штета на Македонија и македонскиот народ.
Министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија идната недела треба да се состанат со цел да го договорат терминот на одржување на втората меѓувладина конференција на која треба да биде усвоен Акцискиот план, најави вчера премиерот Зоран Заев
-Очекувам веројатно следната недела или многу брзо да се оствари средбата помеѓу нашиот министер Османи и министерката Захариева за да ја договорат првата меѓувладина конференција, заради тоа што овде немаме ништо спорно согласно Акцискиот план, односно секторскиот план за соработка кој што е дефиниран од нашите идеи и од бугарските кои што стигнаа до нас, рече тој.
Додаде дека очекува на таа средба да се дефинира терминот за втората Меѓувладината конференција, првата се одржа 2019, а потоа да бидат усвоени на Влада и да влеземе во ефикасно, брзо имплементирање на сите овие определби.
-Затоа што се добри за македонскиот народ, за бугарскиот народ, за Макединија и за Бугарија и ќе бидат од помош во создавањето на севкупниот амбиент за решавањето на другите отворени прашања кои што верувам дека можеме да ги решиме час поскоро, рече Заев вчера.
Премиерот појасни дека Акцискиот план е дефиниран на секторско ниво, посебна е работата на Историско-образовната комисија, а посебни се политичките прашања за кои што разговараме со источниот сосед. Акцискиот, односно секторскиот план, треба да биде утврден на меѓувладината конференција предводена од Османи и Захариева. Штом ќе биде утврден, како што нагласи, ќе дојде како записник на владите на двете земји да го усвојат и веднаш ќе се стратува со негова операционализација.
Акцискиот план е резултат на претходно разменетите идеи меѓу Скопје и Софија и содржи проекти од областа на образованието, културата, инфраструктурата, спортот со цел враќање на довербата меѓу двете земји и побрзо спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
За европерспективата на Македонија и за билатералните релации на Скопје со Софија, но и со Белград, и вчера се огласи и бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
Таа во интервју за софиски „24 часа“, кажа дека „Софија секогаш го поддржувала Скопје во најтешките моменти, и дека ќе продолжи и сега тоа да го прави“. Смета дека заострената реторика и емоциите треба смират, а на работите да се гледа прагматично.
-Не сакав да се водат толку многу преговори преку медиумите, тоа доведе до тешка реторика, бидејќи после е тешко да се одречат веќе кажаните зборови. Разбирам дека честопати се зборува за сопствената публика, но не е во ред во 21 век да победува на избори со кампања, против која и да било од твоите соседни земји. Не може да се продолжи вака, вели Захариева.
Од почетокот на преговорите, македонската јавност е исклучена од договорите кои Заев ги прави во нејзино име. Знаеме што бара Бугарија и знаеме што Заев во име на Македонија е подготвен да направи.
Од таму, оправдана е неизвесноста, па дури и стравот, кога се поставува прашањето: Што сега Заев договара со Борисов?