Активни се 12.324 случаи во државава од кои најголем број 6484 се во Скопје. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, при направени се 4.695 тестови, регистрирани се 1.045 нови случаи со КОВИД-19, 25 починати и 2.418 оздравени пациенти. Од вкупно 1.045 позитивни, регистрирани се 132 реинфекции.
Потпретседателката и раководител на Одделот за воспаленија и имунолошки истражувања во компанијата „Фајзер”, доктор Елена Пеева, македонка, која 30 години живее и работи во САД во интервју за МИА истакнува дека клиничките и епидемиолошките испитувања недвосмислено покажуваат дека засилувачката вакцина дава подобра заштита за омикрон варијантата отколку една или две дози од вакцините против Ковид-19.
– Засега немам информации за значителни несакани ефекти по примање на засилувачка вакцина на Фајзер кај луѓе кои претходно се имунизирани со други вакцини. Засилувачката доза не мора да биде иста со вакцината која е користена при првичната имунизација. Американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ) препорачува дополнителна доза со мРНА вакцина против Ковид-19, односно на Фајзер или Модерна, независно од типот на претходните две дози. Нема податоци за зголемени или нови нус појави кога мРНА засилувачката вакцина се комбинира со претходни дози од различните типови на вакцини, вели д-р Пеева.
Таа посочува дека компанијата „Фајзер” започнала клиничко испитување за тестирање на нова верзија на мРНА вакцина, специјално произведена за омикрон варијантата, бидејќи првично примените две дози не даваат доволна заштита од омикрон.
– Целта на студиите е да се увиди имунолошкиот одговор по примањето на новата Омикрон-базирана вакцина. Кај невакцинираните лица оваа вакцина ќе се тестира во три дози, а кај лицата кои претходно се вакцинирирани со две дози, оваа вакцина ќе се даде како засилувачка, трета доза. Kај оние лица кои досега примиле три дози, Омикрон-базирана вакцина ќе се даде како четврта доза и ќе биде споредена со имунитетот постигнат по четири дози од сегашната вакцина. На тој начин ќе се утврди каква е реакцијата кај сите групи луѓе по примањето на новата Омикрон-базирана вакцина во однос на имунолошкиот одговор, вели д-р Пеева.
Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 278.182, бројот на оздравени пациенти е 257.280, а на починати е 8.578.
Голем број новозаболени и починати се регистрирани во држави од регионот и пошироко, а неколку европски земји ги укинуваат рестриктивните мерки.
Во изминатите седум дена, Хрватска беше прва по бројот на починати од коронавирус во Европската унија со 73 смртни случаи на милион жители, а на второ место е Бугарија со 68 смртни случаи на милион жители.
Загрепски „Јутарњи лист” пишува дека со ова се потврдува дека е заблуда дека има помала опасност од омикрон варијантата на коронавирус и дека минатонеделните податоци на Заводот за статистика дале реална слика за тоа што направил коронавирусот во Хрватска во изминатите две години, каде само во 2022 година починале 63.611 лица или 12.000 повеќе од во годината пред епидемијата.
Во написот се посочува дека бројот на починати во последните седум дена го потврдува тоа, па така, на пример, Холандија и покрај големиот број заразени не забележала смртни случаи поради коронавирусот, Германија имала 10 починати, Австрија која воведе задолжителна вакцинација -11 смртни случаи, а Шведска, Шпанија, Португалија и Данска имаа околу дваесет смртни случаи на милион жители.
– Сите тоа се земји со висок процент на вакцинација, што очигледно дава резултати, наведува Јутарњи лист.
Претседателот на Чешка, Милош Земан вчера ја критикуваше новата коалициска Влада на десниот центар за укинувањето на обврската за вакцинирање на лицата над 60 години и група професии воведени од претходната влада минатата есен и го предупреди премиерот Петр Фијала дека тоа било грешка.
– Тоа е грешка. Не само Австрија, туку и Германија и Белгија размислуваат за задолжителна вакцинација, со време ќе се приклучат и други земји бидејќи ќе дојдат нови мутации и би било добро да се заштитиме”, рече претседателот Земан во интервју за чешката телевизија Прима.
Чешкиот претседател нагласи дека сега нема причини за демонстрации против вакцинацијата во Чешка, бидејќи со ширењето на мутацијата Омикрон, „помина најлошото во пандемијата на Ковид-19″.
– Речиси сите во оваа земја веќе имале Ковид. Се намалува бројот на хоспитализирани и пред се починати, а можеме да се надеваме дека за 14 дена ќе видиме крај на епидемијата. Од тоа произлегува дека демонстрантите немаат од што да се плашат бидејќи најлошото е зад нас, рече Земан.
Тој најави дека ќе го потпише Законот за пандемија што го донесе Претставничкиот дом оваа недела и покрај опструкциите на радикалните националисти од партијата Слобода на директна демократија, а моментално е во Сенатот на Парламентот. Овој закон ѝ овозможува на Владата да не посегнува кон порадикални ограничувања на слободите на граѓаните во борбата против пандемијата, како што беше вонредната состојба што беше на сила првите две години од пандемијата за време на претходната влада.
Јужна Кореја вчера надмина еден милион случаи на инфекција со коронавирус од почетокот на пандемијата, а здравствените власти забележаа рекордни 38.691 нови инфекции во моментот на ширење на варијантата Омикрон.
Јужна Кореја го потврди својот прв случај на Ковид-19 на 20 јануари 2020 година и набрзо стана првата земја, покрај Кина, која се соочи со голема епидемија. Агресивната стратегија на следење, употреба на маски и карантин и помогна на Јужна Кореја да го ослабне почетниот бран на инфекција и да го задржи низок бројот на смртни случаи без да воведе целосно затворање. Бројот на нови дневни случаи е речиси петпати поголем од две недели порано кога почна да доминира варијантата Омикрон, но бројот на сериозни инфекции е на подносливо ниво, велат властите.
Официјалните лица во петокот објавија дека ќе ги продолжат мерките за физичко растојание за најмалку уште две недели, вклучувајќи полициски час за деловни активности во 21 часот и ограничување од шест лица за приватни собири. Вкупно, Јужна Кореја забележа 1.009.688 случаи на Ковид-19 и 6.873 смртни случаи. Речиси 86 отсто од населението во земјата со 52 милиони жители е целосно вакцинирано, а повеќе од 54,5 отсто примиле бустер доза.
Израел регистрираше рекорден број сериозни случаи на Ковид-19, покажаа официјалните бројки објавени во саботата.
– Вкупно 1.229 пациенти се хоспитализирани поради тешка форма на Ковид, што е најголем број од почетокот на пандемијата, соопшти Министерството за здравство.
Досега најголем број тешки хоспитализации имало на 26 јануари 2021 година – 1.185 такви пациенти. Израелските болници се борат со пренатрупаност, но во исто време, постојат знаци дека бранот на варијантата Омикрон во Израел се намалува. Во понеделник дополнително треба да се ублажат мерките за борба против ширењето на коронавирусот во земјава. Според израелското Министерство за здравство, за 24 часа се пријавени 37.985 нови случаи. Најголемиот број беше на 23 јануари, кога Израел имаше повеќе од 85.000 нови случаи, најмногу од почетокот на пандемијата.
Светскиот лидер во вакцинацијата во првите бранови на пандемијата, Израел го усвои мотото „Живеење со Ковид” неколку месеци пред доаѓањето на Омикрон варијантата на коронавирусот.