Омикрон сојот може да го избегне имунитетот постигнат од прележување на делта варијантата, а може и да го избегне и имунитетот кој е постигнат со вакцина ако таа е примена долго време претходно. Затоа единствен начин да се намали бројот на реинфекции останува вакцинацијата против Ковид-19, вклучително третата доза за која има многу студии кои укажуваат дека заштитата од инфекција пораснува над 80 проценти со нејзина примена – истакна новиот претседател на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.
Одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата на која министерот за здравство Беким Сали го соопшти наградениот состав на Комисијата, Петличковски порача дека инсистираат и понатаму да останат постојните мерки за заштита, маски, дистанца.
Портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ изјави дека нема да има промена во делот на тоа како се користат сертификатите.
-Сметаме дека на тој начин најдобро ќе се заштити популацијата која нема создадено имунитет. Трансмисијата на вирусот е се уште на високо ниво. Се наоѓаме во зимски месеци кога таа преносливост е дополнително олеснета и доколку сега направиме еден таков радикален чекор за укинување на ковид сертификатите особено ако земеме предвид дека имаме многу низок степен на вакцинација тоа ќе биде нешто што може дополнително значително да го оптовари здравствениот систем и сега таа мерка би била апсолутно контрапродуктивна и затоа нема да се разгледува во наредниот период додека се уште сме во ваква кризна состојба, изјави д-р Мехмедовиќ.
Д-р Илир Демири од Инфективната клиника, кој е член на Комисијата, порача дека луѓето не треба воопшто да се опуштат дека омикрон варијантата е полесна.
-Омикрон варијантата е полесна во поголемиот дел од инфицираните, меѓутоа не заборавајте дека добар дел од тие кои лесно ја поминуваат се вакцинирани. Кај одредена популација која не е вакцинирана омикронот знае да има тешка клиничка манифестација. Во моментот работиме со исполнети капацитети. Во координација сме и со други ковид центри. Бројот на пациенти кои имаат потреба за хоспитално лекување е значително зголемена. До денеска немам евидентирано ниту еден пациент кој е починат од Ковид-19, кој е редовно вакциниран без коморбидитети, а сум сведок на многу пациенти без коморбидитети, невакцинирани кои починале, рече д-р Демири.
Тој апелираше до граѓаните дека единствената мерка која би не заштитила и за полесно да се помине Ковид-19 е вакцинацијата.
-Граѓаните треба да се вакцинираат, бидејќи моментално тоа е спас од Ковид-19, додаде д-р Демири.