Јавноста не престанува да се бранува по секој нов момент во случајот „Монструм“. Прстот на народот е вперен кон премиерот Зоран Заев кој громогласно најавуваше детали кои ќе ја обелоденат вистината за најгрозоморното убиство кое се памети во Скопје.
Заев си поигрува со трагичната судбина на семејствата на свирепоубиените кај Смилковското езеро. Јавноста очекува конечни одговори за трагедијата. Изјавите на родителите на жртвите се срцепарателни, а односот на Заев кон нив сосема бесчувствителен. Во воздух лебди прашањето: Кој лаже, Заев или семејствата?
Горан Наќевски, таткото на Александар едно од убиените момчиња кај Смиљковско Езеро на последното рочиште истакна дека премиерот Зоран Заев на средбата со нив им покажал транскрипти од разговор меѓу Невзат Бејта и еден од обвинетите.
-На една од средбите, сегашниот премиер Зоран Заев ни кажа дека тие броеви се на пет функционери од ДУИ, а ни покажа и транскрипт од разговор воден помеѓу потпретседателот на ДУИ, Невзат Бејта со обвинетиот Фејзи Азири. Не ни ги даде транскриптите бидејќи ни рече дека ќе сторел кривично дело, но затоа бараме од судот да изврши претрес во СДСМ и да ги одземе овие документи. Бараме и Заев, ако треба и стражарно да се донесе во судница, па тука да се соочи со сите родители за да видите дека ја зборуваме вистината, рече таткото на Наќевски.
Ова само потврдува дека Зоран Заев прилично добро бил информиран за случајот „Монструм“, за сторителите, за јатаците и за контактите на обвинетите со функционерите на ДУИ како што е случајот со Невзат Бејта.
Заев изјави дека ќе се појави како сведок во случајот „Монструм“ доколку тоа од него го побара судот. Додека семејствата на убиените живеат во агонија, Заев застанува во одбрана на Бејта.
Во врска со тврдењата за разговор меѓу обвинетиот Фејзи Азири и поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, премиерот рече дека во „бомбите“ имало разговор меѓу нив во кој Азири барал субвенции за земјоделство. Тој разговор, како што посочи, им го покажал и на родителите на убиените момчиња кај Смилковското Езеро.
Премиерот посочува дека во „бомбите“ имало разговор меѓу Бејта и Азири во кој Азири барал субвенции за земјоделство. Тој разговор, како што посочи, им го покажал и на родителите на убиените момчиња кај Смилковското Езеро.
Зошто Заев одлучи да застане во одбрана на Бејта, е прашање кое МОРА да го одговори лично тој.
Едно е сигурно- со материјалите кои ги поседуваше Заев, а тврди дека ги предал во СЈО, го “држи“ Бејта во раце.
Има основан простор за сомнеж дека Заев го уценувал Бејта за ДУИ да формира влада со СДСМ, а во замена да премолчи дека тој имал контакт со “монструмите“ од Смилковско.
Што му должи Бејта на Заев или Заев на Бејта?
Невзат Бејта еден од посочените од страна на родителите како лице кое комуницирало со осомничените од случајот „Монструм“, а кое го дознале од транскриптите кои им ги покажувал Заев, остваруваше средби во четири очи со Зоран Заев.
Во периодот после изборите во декември 2016 во ДУИ се случуваше неофицијална поделба на два табори, оние кои беа за продолжување на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ по т.н. правило победник со победник и втората струја која ја сочинуваа тогашните потпретседатели Теута Арифи, Невзат Бејта и ИЗет Меџити кои се залагаа за коалиција со СДСМ.
Невзат Бејта, како што тогаш шпекулираа медиумите во моментите кога се носеа одлуките бил чест посетител на Бихаќка и имал директни средби со Зоран Заев.
Градоначалникот на Гостивар од редовите на ДУИ, Невзат Бејта, во седиштето на СДСМ во Скопје имал куса средба со лидерот на СДСМ Зоран Заев, пишуваше тогаш порталот А1он.мк, додека неговиот лидер Али Ахмети подоцна изјави рече „дека знае кога каде пратил“.
Тој исто така даваше и отворени изјави дека ниту еден Албанец не сака да соработува со Груевски. Ова Невзат Бејта потпретседателот на ДУИ го изјави во емисијата Клик плус на ТВ 21.
Невзат Бејта на последните локални избори беше поддржан од СДСМ како заеднички кандидат, а лично Оливер Спасовски, како министер за внатрешни работи учествуваше во неговата кампања, го поддржуваше и говореше на митинзите.
Доколку се анализираат настаните поврзани со објавувањето на бомби од страна на Заев и случајот Монструм тогаш се заклучуваат следните факти.
Факт 1. Родителите на убиените деца оствариле средба со Зоран Заев, после која останале убедени дека осомничените за убиството на Смиљковско Езеро се вистинските извршители, но истовремено разочарани од односот на Заев.
– Ние со нервоза го следиме процесот, ама добро го познаваме случајот, колку работи можеме да игнорираме и не можеме нормално да живееме ние како вчера да се случи случајот и нормално нема живот во нас. Цврсто сме убедени дека овие се убијците. Господинот Заев пет месеци се рекламираше со нашиот случај и ни пушти порака дека ќе ни ги даде тие пет броеви чувани како државна тајна, ама ништо од тоа до сега. Неговата гаранција видовте колку вреди. Ние сме огорчени од самиот Заев, бидејќи многу ни ветуваше и на крајот ништо. На денот на убиството беше Велики четврток, тука се многу работи во игра, не може некој без никоја причина да пука во деца, велат родителите на убиените деца.
Факт 2. Зоран Заев пред медиумите ширеше шпекулации во врска со случајот Монструм кој според него може да предизвика сериозни безбедносни нарушувања доколку се обелодени вистината. Со ова ја држеше тензијата во јавноста со вака чувствително прашање и го злоупотреби за политички цели.
– Сомневањата се големи, нашата намера не е да ставаме квалификации, но секако вистината штом ќе ја обелодениме, граѓаните ќе знаат што во суштина покажува таа вистина. Дека постојат големи сомневања за тоа што се случило со случајот „Монструм“, изјави Заев во мај 2015 година
Факт 3. Зоран Заев имал пристап до најмалку 38 000 фајлови нелегално стекнат материјал во кој имал јасен увид во случајот „Монструм“. Се шпекулира дека овој материјал потоа можеби го злоупотребил за да влијае врз политички субјекти и политичари за да издејствува политичка корист. Меѓу овие фајлови се наоѓале и транскриптите за кои говорат и родителите на убиените деца. Веројатно целите овие материјали се предадени на СЈО.
Она што СЈО го има во рака, според сознанијата на „Фокус“, се 38.000 телефонски разговори, од кои дел ги имаат како снимка, а за дел постојат само транскрипти, но сите се произлезени од незаконското масовно прислушување во УБК.
Факт 4. Невзат Бејта еден од посочените од страна на родителите како лице кое комуницирало со осомничените од случајот „Монструм“, а кое го дознале од транскриптите кои им ги покажувал Заев, остваруваше средби во четири очи со Зоран Заев.
– Висок функционер на СДСМ за Либертас потврди дека потпретседателот на ДУИ, Бејта, се сретнал со Заев, но не се открива за што точно се разговарало.
Факт 5. Невзат Бејта беше најистакнат во раководството на ДУИ кој од позицијата градоначалник од една од најзначајните општини за ДУИ, Гостивар и потпретседател на партијата се спротивставуваше на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и почитување на непишаното правило за коалиција победник со победник.
– Ниту еден Албанец не сака да соработува со Груевски, изјави Невзат Бејта, потпретседателот на ДУИ во емисијата Клик плус на ТВ 21. Гостиварскиот градоначалник ова го изјавува во екот на разговорите за можни комбинаторики за формирање на коалиција за нова македонска влада. Наспроти него, портпаролот на партијата беше многу повнимателен. Ова се случуваше на крајот на декември 2016 година, непосредно по завршувањето на парламентарните избори.
Факт 6. Невзат Бејта беше човекот во ДУИ кој остваруваше средби со Заев и СДСМ и се смета за најзначаен за коалицијата ДУИ-СДСМ.
– На крајот на јануари 2017 година тројцата потпретседатели на ДУИ, Теута Арифи, Невзат Бејта и Изет Меџити заминаа од состаноците во партиското седиште, каде што централното претседателство на ДУИ во проширен состав решаваше за можната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за состав на влада. Во тој ден возилото на Бејта било забележано пред партиското седиште на СДСМ во Скопје.
Факт 7. Случајот „Монструм“ беше дел од Тиранската платформа, која што ја потпишаа претставници на ДУИ и останатите партии на етничките Албанци во Македонија и која што ја поставија како основен услов за формирање на влада по изборите во 2016 година. Зоран Заев формираше влада со дел од потписниците, за што јавноста критикуваше дека со тоа ја презел одговорноста да ги спроведува точките од Тиранската платформа.
– Платфрмата предвидува целосно расчистување на прашањата и судските постапки како „Сопот”, „Бродец”, „Монструм” и „Куманово” преку една анкетна комисија или меѓународен независен орган, рече Ејуп Аљим од собраниска седница пред повеќе од една година.
Факт 8. По завршувањето на работата за воспоставување на коалиција меѓу СДСМ и ДУИ на централно ниво, блискоста помеѓу Заев и Бејта се преточи во соработка за локално ниво. Ова беше своевидна награда за Бејта за добро сработената работа. Имено СДСМ го поддржа како свој кандидат за градоначалник на општина Гостивар, а го активираше и Оливер Спасовски да му помогне во кампањата. Апсурдот да биде поголем министерот за полиција кој наместо да ги гони сите оние кои се вмешани во помагање, или извршување на петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, истиот тој министер учествуваше на митинзите и даваше хвалоспеви за Бејта, човекот кој родителите на убиените деца го посочуваат за поврзан со убијците.
– Ако СДСМ со сите свои капацитети и расположливи сили и со секој свој член, поддржувач и симпатизер го рушеше режимот на Груевски, Невзат Бејта беше еден од луѓето што исто така рамо до рамо со нас со сите битки го рушеше режимот на Груевски. На првиот состанок Бејта ми рече „ќе биде другар многу тешко“, ама ние ќе победиме. Јас денеска велам ќе биде тешко на 29 и ние ќе победиме, ова во октомври минатата година за време на локалните избори го изјави Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи.
Факт 9. Во март месец оваа година СЈО го побара и доби предметот Монструм од организиран криминал. СЈО кој според ВМРО-ДПМНЕ важи за инсталација на СДСМ, со овој потег предизвика многумина да го протолкуваа како еден вид подготовка на јавноста за ослободување или преквалификација на делото за обвинетите во случајот Монструм, меѓу кои и Фејзи Азири ( лицето кое родителите го поврзуваат со Невзат Бејта). Во меѓувреме Врховниот суд го врати случајот на повторно судење и донесе одлука Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута да бидат пуштени на слобода.
– Зоран Заев и органите на прогонот под негова команда, не само што им измислија, конструираа и процесираа обвинение за тероризам, туку повеќе им веруваат на убијците од Смиљковско езеро дека редовно ќе се јавувале на суд и дека нема да ја напуштат Македонија, отколку што им веруваат на македонските патриоти, реагираа од опозициската партија.