На Клиниката за Инфективни болести во моментов се лекуваат уште само 15 пациенти порадо компликации од корона вирусот, дел од нив се со потешка клиничка слика.
Во разговор за ФАКТОР, директорката, д-р Милена Стевановиќ вели дека ова е многу мал број на пациенти, за разлика од претходните неколку брана на вирусот, но приказната со Ковид-19, како што вели, не е завршена.
-Бројот на заразени се менува. Секојдневно оди во нагорна линија, пред се поради многу позаразната варијанта од алфа, а тоа е делта сојот. Но, лично не верувам дека овој четврти бран на корона вирусот ќе удри со таква жестина, како што се соочивме во пролетта, и лани есента. Ние сме мала земја, половина милион веќе се вакцинирани, речиси 160.000 луѓе го прележаа вирусот, така што тоа се фактори кои ќе влијаат на големата слика. На Клиниката за инфективни болести, од компликациите на корона вирусот уште само 15 пациенти на кои им е потребно болничко лекување. Навистина, имаме неколку со потешка клиничка слика и мора да кажам дека тоа се пациенти и со други сериозни здравствени состојби. Но, секако тимот на Инфективна е максимално ангажиран околу нивното целосно излекување, посочува д-р Стевановиќ за Фактор.
Посочува дека и покрај тоа што има луѓе кои се вакцинирани, а сепак се заразени со корона вирусот, не очекува притисок врз здравствениот систем, и буквално „тепачка“ за болнички кревет.
-Целта на вакцината пред се е да не се заразиме, но бидејќи во светот, па и многу поблиску, во регионот, делта варијантата е доминантна, а веќе е утврдено дека е многу полесно пренослива, многу позаразна, вкацината нема да дозволи тешка клиничка слика кај оние кои се вакцинирани. Затоа не очекувам силен притисок врз ковид центрите. Особено треба да внимаваат луѓето кои примиле една доза и чекаат да ја примат втората. Во тој временски интервал огромна е веројатноста да се заразат, ако не се почитуваат оние основни правила за кои говориме од почетокот на епидемијата на ковид во Македонија, вели д-р Стевановиќ.
Истовремено, директорката на Инфективната клиника нагласува дека и покрај тоа што антиковид мерките се целосно олабавени, граѓаните треба да се свесни дека секакво помасовно собирање, неносење маски во затворени простори носи големи ризици од зараза.
-Се е веќе дозволено, но не мора веднаш да се прават свадби со по 300 луѓе. Кластерите произлегоа токму од такви семејни собирања, големи свадби, други веселби. Јас сум навистина за драконски мерки, вакцината не е задолжителна, но кој не сака да ја прими мора ќе мора да ги почитува мерките. Тука не зборуваме за некакови привилегии на вакцинираните. Тие секако многу помалку може да се заразат, за разлика од оние кои не се вакцинирани. Затоа, за невакцинираните мора да постојат силни рестриктивни мерки, како што впрочем направија голем дел од државите, вели д-р Стевановиќ.
Целотоинтервју прочитајте го на ФАКТОР