Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), пред неколку денови, отворила предмет за вицепремиерот Артан Груби откако во јавноста, во повеќе пригоди, беа изнесени наводи за несразмерното зголемување на неговиот и на имотот на членовите на неговото семејство.
Покрај информациите објавни во дел од медиумите, деновиве со конкретни обвинувања излезе и пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков.
Тој ги повика надлежните да проверат како семејството Груби се стекнало со имот по, според него, пет пати пониска цена од пазарната. Конкретно станува збор за деловен објект во Скопје, платен по само 700 евра за квадрат додека реалната цена му била над 3.000 евра.
– Граѓаните во Скопје, за 700 евра по метар квадратен, не можат да купат ниту гаража, а не пак супер луксузен локал. Очигледно Артан Груби е фатен во небрано и затоа од една лага влегува во нова – објасни Лефков.