Владата ќе реагира како ние ќе кажеме, ние сме локална власт и ние ќе кажеме да доградат а не да рушат, и баш ме „брига“ што напаѓаат невладините огранизации за дивоградбите.
Ова е ставот на првиот човек на општина Струга, Рамиз Мерко, по барањето на антикорупциска комисија владата да го преземе уривањето на дивоградбите на охридско-струшкото крајбрежје. Но, и по алармирањето од екологистите дека во Струга продолжува да се узурпира крајбрежјето и покрај мораториумот за градба и забелешките на Унеско.
Во присуство на министерот за економија, Крешник Бектеши Мерко ги обвини медиумите и невладините организации дека го напаѓаат. Мерко тврди дека во Струга нема дивоградби, тие 262 во регистарот биле градби во селски средини и не го загрозувале статусот под УНЕСКО.
Струшкиот градоначалник, кој претходно го привлече вниманието на јавноста со набавката на луксузно „Ауди” од 67.000 евра, е дециден дека Струга не е проблем за УНЕСКО и дека се што се градело било легално и дека дивоградбите треба да се бараат во Охрид.