Министерството за здравство информира дека лекот „Ивермектин“ од денеска е достапен за граѓаните во аптеките. Лекот ERMETIN (ivermectin) таблета 3 mg x 10 во пакување, на производителот World Medicine Ilac San.Ve.Tic. од Турција во аптеките по одобрена малопродажна цена изнесува 299 денари.
-Овој лек може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или лекар специјалист. Истиот може да се употребува во домашно и болничко лекување, и да се земе превентивно, исклучиво со лекарска препорака, доколку лице било во контакт со ковид позитивен, информираат од Министерството.
Повеќе клинички студии кои ја евалуираат ефикасноста на ивермектин кај пациенти со COVID-19 се во тек и/или нивните крајни резултати се уште не се публикувани во научни списанија, но прелиминарните резултати сугерираат дека ивермектин има поволен ефект во профилакса на COVID-19 кај експонирани лица, како и во терапија на пациенти со лесна, средно-тешка и тешка клиничка слика.