Трета жртва од Ковид-19 во земјава и втора од Дебар. Пациентката на 66 години која неколку дена беше во тешка состојба и на машина за дишење почина вчера на Клиниката за инфективни болести. Со нејзиниот сопруг беше дијагностицирана на 6 март откако допатувале од Италија.
Бројот на новозаболени во претходните два дена беше намален, но вчера до пладне, по поминати 24 часа, повторно се искачи на 29. Вкупниот број со новите случаи сега е 177.
Од 29-те новозаразени, 20 се од Скопје, тројца се од Куманово и еден од Дебар, а коронавирусот првпат е потврден и кај жители на Прилеп – двајца сопружници над 60 години чиј син бил на Копаоник во Србија, како и во Велес каде што се потврдени тројца инфицирани.
Според местото на живеење, 108 се во Скопје, 41 во Дебар, 11 во Куманово, седум во Штип, тројца во Велес по двајца во Кавадарци, Охрид и Прилеп и еден во Гостивар.
Пет од 29-те нови случаи се поврзани со заболената поранешна директорка на Клиника за кожни болести. Тие немале симптоми, но тестовите за коронавирусот кај нив биле позитивни. Лицата ќе останат во домашна изолација и ќе бидат во контакт со лекари од Инфективната клиника. Останатите од триесетината тестирани поврзани со докторката од Дерматологија биле негативни.
Од вкупно 177-те досега заразени со коронавирусот во земјава, 14 или 15 се здравствени работници од Скопје, Кавадарци, Дебар и Куманово.
Позитивни на КОВИД-19 се и двајца припадници на Армијата – подофицер и војник, кои извршувале работни задачи во гарнизонот Скопје. Едниот работел во воениот ресторан во касарната „Илинден“ како помошен персонал. Ресторанот бил дезинфициран и затворен 24 часа.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера соопшти дека комбинираната терапија од лековите хидроклор и азитромицин (познат како сумамед), која има ефикасни резултати во повеќе земји, дадена им е на двајца пациенти на Инфективната клиника.
Филипче рече дека терапијата не им се дава на сите пациенти и претходно е потребно да се направи кардиолошка анализа (ЕКГ) поради некои контраиндикации. Апелираше граѓаните да не купуваат на своја рака лекови и да се обидуваат да ги најдат затоа што таа терапија може да ја даде лекар спеијалист според точна индикација.
За да се спречи ширење на заразата се воведуваат и дополнителни рестриктивни мерки. Во деновите на викендот (сабота и недела) за сите граѓани ќе биде забрането движењето од 16 часот до 5 наредниот ден.
Остануваат да важат и претходните забрани: полицискиот час од 21 до 5 часот и забраната за излегување надвор за постари од 67 години (од 11 до 5 часот) и за помлади од 18 години (од 21 часот до 12 наредниот ден).