Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) денеска побара Владата и сите работодавачи да преземат конкретни мерки за заштита на вработените од корона вирусот и да ја ажурираат проценката на ризик на работните места, особено во компаниите каде веројатноста на изложеност на вирусот е поголема.
-Несомнено е дека мал број од работодавачите, ги преземаат општите мерки за заштита и превенција, дефинирани во Протоколот за превентивни мерки за сите работни места. Најзначајна обврска на секој работодавач е да спроведе и изготви изјава за безбедност на секое работно место, односно проценка на ризик на секое работно место, според Правилникот за начинот на изготвување на изјавата за безбедност, нејзината содржина и податоци врз кои треба да се заснова проценката на ризик, како и според Правилникот за минимални барања за безбедност и здравје на вработени од ризици поврзани со изложеност на билошки агенси, се вели во соопштението.
Од КСС посочуваат дека во Агенцијата за катастар на недвижности не е направена проценка на ризик и реорганизација на работните места со што вработените се доведени во ризик.
– Во простории каде што на исто место работат повеќе од 20 луѓе без ажурирана проценка на ризик и реорганизација на работните места, се доведуваат работниците во животно загрозувачка состојба. Претходните 10-тина дена се случи кластер на заразени од САРС-КоВ-2 вирусот во Катастарот на недвижности во Скопје и овој викенд почина една вработена која беше заразена на нејзиното работно место. Спротивно на прописите во Македонија, работодавачот ги довел вработените во животно загрозувачка состојба без ажурирана проценка на ризик согласно новата биолошка штетност, иако бил предупреден од синдикалниот претставник, истиот не постапил согласно прописите. Дали некој ќе понесе одговорност за ваквата состојба на работниците, прашува КСС.
Бараат Владата и работодавачите да го почитуваат законот за безбедност и здравје при работа и да ја реорганизираат работата, а во спротивно, како што велат, ќе бидат принудени да ги преземат сите легитимни инструменти што им стојат на располагање. (МИА)