недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Македонската влада со важно соопштение за граѓаните по немирите во Косово

Македонската влада со важно соопштение за граѓаните по немирите во Косово

Врз основа на информациите кои се споделени помеѓу безбедносно разузнавачките служби во Република Северна Македонија како и информациите добиени од службите на нашите сојузници во НАТО алијансата, ве информираме дека не постојат индиции кои укажуваат на нарушување на безбедноста во Република Северна Македонија, велат од Владата за МИА, во врска со последните случувања на Косово.

– Безбедносната состојба во државата, во корелација со случувања на Косово, е стабилна, без никакви индикации за можни нарушувања, сите институции задолжени за безбедноста се максимално будни. Ги осудуваме настаните кои се случија денес и даваме целосна поддршка на КФОР за сите идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во Косово и регионот – велат од Владата.

Од Владата апелираат „за продолжување на дијалогот и решавање на сите отворени на мирен и демократски начин, и во функција на напредок, подобра иднина и подобар животен стандард за граѓаните“.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска преку својот фејсбук-профил ги осуди инцидентите на северот од Косово, каде во раните утрински часови беше убиен припадник на косовската полиција.

– Силна осуда за инцидентот кој се случи денес во Косово и за сите оние кои допринеле за тој да се случи. Од современите политички лидери се очекува да донесат мир и просперитет, а не поделби и конфликти. Целосна поддршка за КФОР и сите нивни идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во регионот – напиша Петровска на објавата на Фејсбук.

Претходно, првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Oсмани го осудија убиството на припадник на полицијата на северот од Косово и изразија сочувство до семејството на загинатиот и апел за брзо пронаоѓање на сторителите и стабилизирање на ситуацијата.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека е неопходно да се утврдат сите факти за нападот на влезот во селото Бањска во општина Лепосавиќ и дека одговорните за него мора да бидат изведени пред лицето на правдата, јави дописникот на МИА од Белград.

Косовската полиција го потврди убиството на тројца напаѓачи во северно Косово, како и апсењето на еден припадник на групата и на уште четворица осомничени кај кои се пронајдени апарати за радио-врски, јави дописникот на МИА од Приштина.

Од полицијата, како што пренесуваат косовските медиуми, информираат и за откривање на значително количество оружје, муниција и разновидна опрема.

Најнови вести