Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) предлага да се иницира ревизија на национално ниво на Проценките на ризик на сите работни места каде има опасност од заразување на вработени лица со новиот коронавирус.
Здружението смета дека професионалното заболување КОВИД-19 треба да биде признаено за сите работни места и усогласено во Правилникот за листата на професионални болести.
Од 7 мај годинава, КОВИД 19 се смета за професионално заболување само за лекарите и медицинскиот персонал, ветеринарниот персонал, персоналот вработен во амбуланти и други здравствени организации за негата на луѓето, персоналот што работи во научно-медицинските лаборатории со заразни материјали и персоналот за сузбивање и научно-истражување на заразни болести.
– МЗЗПР ја поздравува одлуката за дефинирање на КОВИД-19 како професионално заболување во нашата земја. Но, со ваквиот пристап се занемарува Законот за безбедност и здравје при работа и се дискриминираат останатите работници кои работат на други професии заради тоа што, иако аргументирано можат да бидат заразени од новиот корона вирус на работното место и да ја развијат КОВИД-19 болеста, истата нема да им биде признаена како професионално заболување, велат од МЗЗПР.
Со воведувањето на професионалното заболување КОВИД -19, сите заболени ќе имаат право да им биде исплатена плата во полн износ, отсуството за работа ќе биде заведено како „професионално заболување“, а по враќањето на работа вработените ќе бидат препратени на медицински прегледи со цел да се утврди нивната работна способност.
– Ова е исклучително важно за секој од нив индивидуално доколку се јават одредени ограничувања во можностите за нивно целосно исполнување на работните задачи, а со првенствена цел да се заштити здравјето, интегритетот на работникот, како и работното место, појаснува МЗЗПР.
Оттаму информираат дека за ова писмено се обратиле до Владата, Министерството за труд и социјална политика и до Министерството за здравство.