Вчера се регистрирани 1.074 нови случаи со Ковид-19 од 7.571 тестирање, 24 пациенти починале. Регистрирани се и 291 оздравен. Ковид центарот во Тетово евидентира најлоши 24 часа во текот на пандемијата со најмногу – девет починати и 18 хоспитализирани, а поради сериозни компликации од повеќе хронични болести пациенти со коронавирус биле однесени и во Скопје.
Вкупната бројка на ковиддијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 166.741, на оздравени пациенти е 151.692, на починати е 5.632, а бројот на активни случаи изнесува 9.417.
Според податоците на Министерството за здравство вакцинирани се вкупно 638 428 граѓани, а ревакцинирани 495 803, односно аплицирани се вкупно 1 134 231 дози вакцини. Прва доза завчера примиле 13 275, а вкупно се вакцинирале 17 623 граѓани. Со последните бројки, барем една доза вакцина примиле 70 отсто од населението над 70 години, 67 проценти од луѓето над 65 години, 63 отсто од тие што се повозрасни од 60 години и 53 отсто од населението над 50 години.
Министерството за здравство апелира на масовно вакцинирање за да се спречи тешка форма на болеста и да се намали ризикот од заболување, како и смртен исход.
Потсетува дека за вакцинирање не е потребно закажување кое важи само за малолетници од 12 до 17 години кои треба да бидат пријавени за термин на веб-страницата vakcinacija.mk.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера во интервју рече дека имунитетот од вакцината штити многу повеќе од прележана болест.
-Препораките кои ги коминицирам во јавноста преку алатките на Министерството за здравство се должат на препораките на сознанијата на стручни лица, а тоа се имунолози кои што работат со вакцина, фармаколози, професори на фармацевскиот факултет и од тука се препораките. Има една студија која што вели дека оние кои се вакцинирани можат да заболат со ризик од 0,07 проценти, а 1,2 отсто од прележаните можат да заболат. Што значи дека кај нив е поголем ризикот и од тука таа препорака за што кратко време од прележувањето, а тоа е после месец дена и дополнителни две недели да се организира севкупниот процес е нешто што на граѓаните допонително им го штити здравјето, појасни Филипче.
Сите сериозни студии на големи испитаници, појасни министерот, одат во насока на тоа и дека што порано вакцина, дополнително го штити здравјето.
Според двонеделната анализа на Министерството за здравство на територијата на државата, од позитивните на КОВИД, 1507 биле целосно вакцинирани (со две дози) или само 15 проценти.
-Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со КОВИД. Според двонеделната статистика, 8374 граѓани од позитивните не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 91, додека само девет отсто од сите 724 моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од две седмици на територија на државата починало 101 лице, 92 пациента од починатите не биле вакцинирани, а само девет лица, односно осум проценти, примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе хронични заболувања, наведува Министерството.
Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство.
-Секоја вакцина што ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2, истакнува МЗ.
Во анализата за вакцинирани се сметаат лицата вакцинирани со две дози, кои поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза.