На 19 и 20 февруари, министерот за надворешни работи Никола Димитров и придружна делегација беа во посета на Шпанија, земја која тогаш имаше околу 300, а денес има околу 3.000 заразени од коронавирусот, но во МНР се уште нема дезинфекција ниту самоизолација.
Дека раководството на МНР се уште нема преземено елементарни мерки за заштита на своите вработени од ширење на Корона вирусот, денеска реагираше и македонскиот дипломатски синдикат.
Го повика раководството на МНР да се придржува до Законот за административни службеници и да го почитува членот 73 ст. 19 според кој непридржувањето кон прописите за заштита од болест, безбедност и здравје при работа претставува дисциплински престап.
-По природата на својата работа, вработените во Министерството за надворешни работи и во дипломатско-конзуларните претставништва во странство на дневна основа доаѓаат во фреквентна физичка комуникација со лица од странство и домашни лица кои престојувале во странство. Со тоа дипломатијата влегува во редот на ризични професии од повисок интензитет.
И покрај тоа, раководството на МНР се уште нема преземено елементарни мерки за заштита на своите вработени од ширење на Корона вирусот. Како Синдикат побаравме од раководството преземање соодветни мерки и барем набавка на средства на дезинфекција на раце. За жал, по кој знае кој пат, не бевме удостоени со одговор. Ваквата практика на игнорирање не ги решава проблемите, туку напротив, тие остануваат да тлеат и да се натрупуваат. А ги има многу.
На страна што игнорирањето на вработените ги надминува дипломатските, туку тоа ги надминува и нормите на доброто однесување. Најмалку што Министерството за надворешни работи може да направи за здравствена заштита на своите вработени е да одговори на барањата на македонскиот дипломатски синдикат и конкретно да се активира на планот на превенција и заштита на вработените. Што поитно тоа го стори, штетата ќе биде помала, наведуваат во соопштението.