Помпезно најавуваниот акциски план за борба против корупцијата кој го презентираше вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски, почна да се реализира. Па така, наместо со вистинската корупција и криминал во државата, Николовски започна со заплена на путер со изминат рок.
Имено, вчера вечер вицепремиерот на својот Фејсбук профил објави дека се заплениле 4.5 тона путер со изминат рок од 2019, додавајќи дека истиот е затекнат без декларација и од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш е повлечен од пазарот, како и дека заштитата на граѓаните и нивното здравје се на прво место.
-Во акција на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) кај операторот Евро Млекара ДООЕЛ Скопје, се пронајдени и запленети 4.5 тони путер, кој имал важност до 2019 година. Производот е затекнат во продажба без декларација, и од страна на АХВ веднаш е повлечен од пазарот. Заштитата на граѓаните и нивното здравје се на прво место. Повикувам на целосна истрага и одговорност, пишува Николовски.
Но, доколку се погледне соопштението од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство може да се увидат неколку пропусти, односно јасно се гледа дека истото на сајтот на институцијата е објавено на 12 март или еден ден претходно од Фејсбук статусот на Николовски.
Како втор елемент кој што е доста нејасен е што во статусот на Николовски, се наведува дека се запленети 4.5 тони, додека пак во соопштението од АХВ стои дека од пазарот е повлечен путер во пакување од 25 килограми во блокови и 5 килограми во канти.
Како трет елемент кој укажува дека очигледно Николовски или не е доволно информиран или пак дека воопшто не го ни прочитал соопштението од Агенцијата за храна и ветеринарство е што, изминатиот рок на производот не е до 2019 година како што пишал Николовски, туку дека неговиот рок изминал на 13 февруари годинава.
“Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира потрошувачите дека операторот со храна (увозник и дистрибутер) Евро Млекара ДООЕЛ Скопје, на 11.03.2021 година извести дека постапи по решението бр. 25- 977 од 10.03.2021 на инспектор и од пазарот истиот ден отповика производ путер во пакување од 25 килограми во блокови и 5 килограми во канти.
Производ: Ulsalted lactic butter, min 82% butterfat
Причина за отповикување: Поминат рок на употреба
Производител: Rucker GmbH – Германија
Извозник: Interfood BV – Холандија
Увозник и дистрибутер: Евро Млекара ДООЕЛ Скопје
Потекло на производот: Германија
Серија: 24
Дата на производство:13.12.2020
Рок на употреба- до 13.02.2021. Се известуваат купувачите доколку ги имаат купено овие производи, истите да не ги консумираат, да ги вратат на местото на набавка, или нештетно да ги уништат”, стои во соопштението на АХВ.
Но, по бурните реакции и негативните коментари на неговиот статус кои ги пишуваа граѓаните, Николовски се обиде да дефокусира од статусот за заплена на путер, па објави нов статус дека во кога станува збор за јавното здравје на граѓаните нема компромис како и дека во државата се воведува ред, правда и дисциплина објаснувајќи дека се направени неколку инспекциски контроли од страна на Државниот пазарен инспекторат и се затворени локали поради непочитување на здравствените протоколи.
„Кога станува збор за заштита на јавното здравје, нема компромиси, нема недопирливи! Воведуваме ред, правда и дисциплина!
Во склоп на редовните инспекциски контроли, но и по допрен глас, Државниот пазарен инспекторат, вечерва, затвори два скопски локала, во центарот на градот и еден локал во ТЦ Мавровка, кои не ги почитувале здравствените протоколи со цел заштита од ширење на коронавирусот.
Инспекциите продолжуваат со интензивни контроли на терен. Секој што ќе ги прекрши протоколите и на тој начин ќе влијае врз загрозување на јавното здравје, ќе биде безусловно санкциониран“, напиша Николовски.
Ова сето би било во ред, но доколку навистина е така. Но, водени од претходните искуства и премолчувањата за огромните скандали, а за кои известуваа и медиумите, воопшто не може да се каже дека Николовски делува подеднакво.
За потсетување, пред само неколку дена во јавноста излегоа сериозни обвинувања во италјданскиот весник Ла Верита дека владата, премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче при набавка на 200.000 кинески вакцини наместо директно да преговараат со фармацевската компанија Синофарм, преговорите ги воделе преку фантом фирма од Хонг Конг, но и дека една доза на вакцина ќе чини дупло повеќе што кај јавноста се создаде слика дека владата всушност додека преговарала за вакцини, сакал да обезбеди и провизии.
Па од тука логично се наметнува прашањето, доколку на Николовски навистина му е важно јавното здравје на граѓаните, зошто овој случај не е предмет на истрага? Зошто другите скандали за кои пишуваа медиумите не се предмет на истрага?
Згора на ова, во ист ден се објавија и уште три нови скандали кој едниот е токму поврзан со Николовски, за увоз на 5 камиони странски тутун преку фирмата за транспорт Студенац Шпед која е во сопственост Димче Тројановски, кој е близок партнер на градоначалникот од СДСМ на Крива Паланка Борјанчо Мицевски и двајцата блиски пријатели на вицепремиерот.
Понатаму, набавката на софтвер за сообраќајни прекршоци од екс генералниот секретар на владата Драги Рашковски кој што пак никогаш не стигнал во Министерството за внатрешни работи, како и објавеното видео во кое се гледа како министерот Филипче оперира пациенти без соодветна заштитна медицинска опрена директно свесно загрозувајќи го здравјето на пациентот.
Овие скандали не само што не допреа до директно инволвираните во нив, туку по се изгледа дека не допреле ниту до вицепремиерот Николовски, бидејќи немаше ниту една изјава, ниту пак статус, со што се создава слика дека законите и правдата во државата не важат подеднакво за сите, но и со самото премолчување тогаш станува директен соучесник.
Според аналитичарите, за борба против корупцијата која е најсериозна болест во една држава мора да постои цврста волја за нејзино решавање, а не само некакви си планови кои повеќе значат приказ дека наводно нешто сака да се промени и да се прикаже дека се работи.
За борбата со корупцијата, не се потребни планови, без разлика како и да ги наречете дали акциски или било како. За борба против корупцијата мора да постои сериозна и цврста волја, а не селективност. Она што сега го презентира владата на СДСМ и вицепремиерот Николовски воопшто не наликува на борба против корупцијата. Вие не може да замижувате пред криминалот кој очигледно го има во владата, а да реагирате на некакви не би рекол банални, туку помалку важни работи. Значи излегувате сам по себе смешен, е ако тоа е целта на владата и Николовски, тогаш ја остварија, вели еден аналитичар.
Дали и кога вицепремиерот Николовски ќе се одважи да проговори и да побара одговорност за сите скандали единствено останува да чекаме, ама за сега со сигурност можеме да кажеме дека акцијата со запленетиот путер воопшто не претставува акција со која тој требаше да се пофали.