Омикрон варијантата на КОВИД-19 забрзано се шири во светот, во регионот и во соседството. И во нашава земјава вчера беа детектирани девет случаи со омикрон, од кои кај осум пациенти од Скопје и кај еден од Кочани. Според надлежните, вакцинацијата останува единствен излез од пандемијата. Во моментов во државата има вкупно 5.667 активни случаи.
– Во лабораторијата за вирусологија на Институтот за јавно здравје се изработени 24 примероци позитивни на SARSCoV2, примероците се од пациенти од Скопје, Кочани, Велес, Гевгелија и Богданци. Од вкупниот број тестирани, кај девет пациенти детектирана е Омикрон варијантата на вирусот, што изнесува 37,5 отсто од позитивните примероци, соопштија вчера од Министерството за здравство.
Во текот на вчерашниот ден во земјава се регистрирани нови 1.197 случаи на КОВИД-19 од направени 7.483 тестирања, починаа 12 лица, а евидентирани се 331 оздравен пациент.
Од почетокот на пандемијата, како што информираат од Министерството за здравство, евидентирани се вкупно 227.168 ковид-дијагностицирани лица, направени се вкупно 1.619.276 тестирања на КОВИД-19, бројот на оздравени пациенти е 213.505, а починати се 7.996 лица.
Експертот на Светска здравствена организација (СЗО), Абди Махмуд вчера изјави дека постојат три видови соеви, тие што ги следaт, тие кои предизвикуваат интерес и тие кои предизвикуваат загриженост. Тој на брифинг во Женева истакна дека од ноември внимателно го набљудува новиот сој на коронавирусот Б.1.640.2. како неговите две подваријанти. Новиот сој Б.1.640.2 го открија научниците во Универзитетската болница во Марсеј, Франција. Со тој сој заразени се 12 луѓе во јужниот дел на Франција, а како нулти пациент е означен повратник од Камерун. Махамуд истакна дека СЗО ќе продолжи да го следи сојот Б.1.640.2, вклучително и негово можно ширење во другите европски земји.
Држави од регионот и светот пријавуваат рекорден број заболени со КОВИД-19. Повеќето од земјите почнаа со воведување позаострени мерки за заштита од проширување на коронавирусот во пресрет на
празниците.
Првиот случај на заразен со флурон, комбинирана инфекција со вирусот на грип и коронавирусот, е откриен во Босна и Херцеговина. Првиот случај е пациент, роден во 2000 година, и хоспитализиран во Универзитетскиот клинички центар во Бања Лука. Во последните 24 часа во Босна и Херцеговина се регистрирани 899 нови случаи на коронавирус, а починале 29 лица.
Во Грција пак, како што јави дописничката на МИА од Атина, со задолжителни маски, задолжителни селф тестови за сите и под построги протоколи, учениците од понеделник се враќаат во училишните клупи, а второто полугодие ќе започне регуларно.
Министерката за образование на Грција Ники Керамеос, вчера ги соопшти одлуките на Владата, по добиените препораки на надлежната комисија на епидемиолози. Поконкретно, и понатаму ќе бидат задолжителни два селф теста седмично, односно тестови за домашна употреба кои учениците ги добиваат бесплатно, но сега, освен за невакцинираните, ќе важат и за вакцинираните ученици и наставници или професори. Дополнително, за време на првата седмица од отворањето на училиштата, учениците ќе добијат еден тест плус.
Промени има во протоколите во однос на потврден случај и нема да се тестираат само децата кои седат во близина на заразениот ученик, туку ќе се тестира целото одделение/клас. Невакцинираните ученици ќе се тестираат секој ден, пет дена, со бесплатни два рапид и еден селф тест, како и двата селф тестови што и онака им следуваат, додека пак вакцинираните ученици ќе се тестираат со три селф тестови. Истите правила ќе важат и за евентуален потврден случај на КОВИД-19 кај просветните работници.
Владата на Велика Британија вчера соопшти за рекорден број новозаразени со КОВИД-19 – повеќе од 200.000 случаи во последните 24 часа, бидејќи високо преносливиот вид Омикрон се шири низ земјата.
Според властите, регистрирани се 218.724 новоинфицирани – највисокиот дневен вкупен број од почетокот на пандемијата.
Во САД пак се регистрирани над еден милион заразени луѓе со КОВИД-19, што е рекордна бројка од почетокот на пандемијата. Претходниот „црн рекорд“ беше на 31 декември, кога беа пријавени околу 590.000 новозаразени луѓе. Податоците на Универзитетот Џон Хопкинс најверојатно не ја покажуваат реалната ситуација, бидејќи голем број Американци дома се тестираат за КОВИД-19 и не ги пријавуваат резултатите до водечките статистички агенции. Од почетокот на пандемијата во САД се регистрирани над 56 милиони инфицирани луѓе со КОВИД-19 и над 820.000 смртни случаи.
Исто така, и во Австралија се бележи зголемување на бројот на новозаразени со коронавирусот, со што се зголемува и притисокот врз тамошните болници и центри за тестирање.
Во најнаселената сојузна држава на континентот, Нов Јужен Велс, регистрирани се 23.131 нови случаи. Најголемата бројка е регистрирана на последниот ден од старата година, кога 22.577 лица биле позитивни на тестот. Моментално во болница се сместени 1.344 лица.
Официјалните лица ги повикаа луѓето да не одат во болници освен ако не е неопходно, за да се намали притисокот врз здравствениот систем. Некои центри за тестирање денеска мораа да бидат затворени поради недостиг на персонал и голем број тестови кои пристигнуваат за обработка во лаборатории.
Претседателот на британското JCVI (национално тело за вакцинација и имунизација) проф. Ендрју Поланд во интервју за Телеграф предупреди дека не може да ја вакцинираме целата планета на секои шест месеци, бидејќи тоа не е одржливо.
Според Поланд за четвртата доза од вакцината треба да се почека „додека не се појават повеќе докази“ и повика приоритет во идната вакцинација да им се даде на ранливите групи, наместо да се даваат дополнителни дози на целата популација над 12-годишна возраст.
-Нема смисла да се обидуваме целосно да ја запреме инфекцијата, во одреден момент општеството едноставно мора да се отвори, рече британскиот експерт.
Неговата изјава е во момент кога Владата ги финализира плановите за брзо тестирање за дури 10 милиони работници во „критичните професии“. Порачани се 45 милиони тестови во следните две недели, поради страв од ширење на омикрон сојот на коронавирусот.