Неспособноста на Филипче и Заев резултираше со над 144.000 заразени и над 4.300 починати. Голем дел од нив не можеа на време да се тестираат, немаа лекови, чекаа за во болница, а 1.700 починаа од јануари до сега, чекајќи вакцина, изјави денеска за медиумите, Ели Панова, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Илјадници наши сограѓани мораа да се лечат во приватни болници, за што беа принудени да платат и до 15 илјади евра, некои ги даваа последните пари, некои подигаа кредити, а некои собираа донации. Власта сите ги втурна во сиромаштија. Токму затоа, ВМРО-ДПМНЕ во наредните денови ќе предложи дополнување на Законот за здравствена заштита, со кое ќе се предвиди рефундирање на разликата во цената помеѓу приватното и државното здравство на граѓаните кои се лекувале од КОВИД 19 во приватните болници, истакна таа.
Панова посочи дека дополнително, ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи сите, кои нема да можат да бидат примени во државна установа, да можат да отидат во приватна болница, каде ќе бидат лечени по цени, исти како и во државното здравство.
– Државата мора да биде во служба на народот. Никој не смее да трпи и страда, затоа што власта е неспособна.
Исто така, со дополнувањата на Законот за здравствена заштита, ќе предвидиме граѓаните со хронични и останати болести, кои повеќе од 60 дена се на листа на чекање за некоја операција или друга здравствена, дијагностичка и интервентна услуга во државното здравство, да можат да отидат во приватна болница, а услугата да ја платат по цена како во државното здравство. Македонија мора да биде земја која се грижи за своите граѓани, додаде пратеничката.