Иронијата на Шилегов и СДСМ ги руши сите рекорди, истакна денеска пред Универзалната сала советничката на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, Ирена Попова.
-Замислете, Шилегов изјави дека оваа година воопшто нема да се отпочне реконструкцијата на Универзалната сала, не биле предвидени средства за 2018 година поради недостиг на финансиски средства. Пред само неколку дена, истиот Шилегов изјави дека рушењето на галиите и други објекти од речното корито ќе го чини градот Скопје ни помалку ни повеќе 8 милиони евра. Притоа, за изградба на галиите не е инвестирано од градот Скопје ниту едно евро, се работи за приватни инвеститори, рече Попова.
Со ова непромислено трошење на 8 милиони евра за рушење на веќе изградено, а немање средства за реконструирање на симболот на градот, Универзалната сала, нагласи Попова, Шилегов и СДСМ само потврдуваат дека работат за исполнување на своите лични хирови и задоволување на сопствениот гнев кон една успешна власт, а не работат за граѓаните и нивните потреби.
-Затоа му порачуваме на Шилегов, парите за рушење на галиите да ги пренамени за реконструкција на Универзалната сала. Со 8-те милиони евра кои Шилегов ќе ги даде за рушење на галиите, ќе може 2 пати да ја реконструира Универзалната сала, за која веќе има подготвен проект од градежниот институт на Македонија. Инаку, средствата за отпочнување на етапна реконструкција беа обезбедени и претходно со Буџетот во 2017 година, но СДСМ со ребалансот ги укина. Очигледно е дека не им е важно да работат според потребите на граѓаните. Тие власта ја користат само за задоволување на своите лични фрустрации, заклучи Попова.