Нови 28 случаи на коронавирус или вкупно 1259 се потврдени заклучно со вчерашниот ден во Македонија.
Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, потврдените случаи се од 6 градови, Скопје, Тетово, Куманово, Прилеп, Велес и за прв пат е регистриран случај во Валандово.
Регистрирани се поединечни случаи во скоро сите возрасни групи, најмногу од нив, по 6 во возрасните групи од 20-29, 40-49 и 50-59 години, а во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 15 женски и 13 машки лица.
Според вкупниот број на пријавени случаи, заразени лица од Ковид-19 во Македонија има во 25 градови. Најголем дел од нив се регистрирани во Скопје, Куманово и Прилеп.
Во однос на дистрибуцијата по пол, регистрирани се 597 машки и 662 женски лица.
Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години (медијана – 45 години). Најголем број на заболени се на возраст од 50-59 години – 261 (20,7%). Кај лица над 60 години регистрирани се 253 случаи. Најниска инциденца од 21,8 и 20,8 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 50 и 52 случаи соодветно.
Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (65,0%), кашлица (53,6%), малаксаност (33,7%), треска (19,1%), главоболка (16,9%), болка во грло (15,8%) и отежнато дишење (14,1%).
Кај 435 или 34,6% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Регистрирани се 214 (17,0%) случаи на заболување меѓу здравствени работници.
Според исходот од заболувањето, кај 931 лица (73,9%) се активни случаи, 272 случаи (21,6%) се водат ако оздравени (25 од нив се здравствени работници), испишани од болница или се со два негативни теста по домашното лекување.
Регистрирани се 56 смртни случаи. Во земјава од 15 февруари спроведени се 13.000 тестирања.