Во земјава расте бројот на заразени со Ковид-19. Во текот на вчерашниот ден се регистрирани 164 нови случаи со Ковид-19, од направени 5.276 тестирања. Последен пат трицифрена бројка на нови случаи на инфицирани со коронавирусот беше регистрирана кон средината на мај. Најголем дел од новите случаи се во Тетово и тоа 60, Скопје 34, Гостивар 21, Куманово и Битола по осум… Регистрирани сe 18 оздравени пациенти и три починати лица во болнички услови.
Бројот на активни случаи изнесува 770, од кои нјамногу се во Тетово 229, по што следи Скопје со 221, Куманово 72, Гостивар 68, Битола 34, Струмица 21…
Според последниот извештај на Министерството за здравство, неколку општини се без активни случаи на Ковид-19. Тоа се: Дојран, Македонска Каменица, Македонски Брод, Кратово, Демир Капија, Демир Хисар, Крушево, Богданци, Пробиштип, Виница, Крива Паланка, Ресен и Неготино.
За граѓаните од вчера е достапна апликацијата за CommonPass сертификат за патување во странство. CommonPass е унифициран дигитален сертификат кој се презема од апликација од Google Play Store/App Store, со кој се потврдува вакциналниот статус на секој граѓанин. Со овој сертификат во моментот може да се патува најчесто во САД и Канада, каде се користи најмногу.
Покрај патувањето и доказ за вакцинација, со CommoPass граѓаните во овие земји можат непречено да се движат и функционираат во услови кога има одредени рестрикции и забрани за невакцинираните.
Од ресорното Министерство посочуваат дека за преземање на овој сертификат граѓаните треба да се најават на веб-страницата vakcinacija.mk , во својот личен профил можат да го најдете нациналниот сертификат издаден од Министерството за здравство со QR код за примена вакцина. Системот потоа дава опција за внесување на број на валидна патна исправа. Откако ќе се внесе бројот на пасошот, се креира автоматски CommonPass, а за да се креира дигитален CommonPass, достапен секогаш на паметен телефон, треба да се преземете мобилната апликација „CommonPass“ oд Google Play Store/App Store. По симнување на апликацијата таа ќе побара да се внесе следниот активациски код: CPNMKD, а потоа апликацијата ќе побара да се скенира QR кодот од CommonPass сертификатот, кој веќе граѓаните го имаат симнато на компјутер.
Министерството за здравство им нуди повеќе опции на вакцинираните граѓани за патување во странство, освен националниот сертификат со QR код, сега имаат можност да патуваат во САД и Канада и со CommonPass, а веќе од следната недела ќе биде достапен и Зелениот пасош за патување во ЕУ. Како што укажуваат независно од сите сертификати кои ќе бидат обезбедени за нашите граѓаните, секоја земја согласно епидемиолошката состојба има право да воведе дополнителни рестрикции за влез или движење.
Здравствените власти и понатаму апелираат да се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 и граѓаните да се вакцинираат. Досега во земјава се вакцинирани вкупно 519 106 лица. Според податоците од Министерството за здравство, во земјава вкупно се аплицирани 920 442 дози вакцини, а ревакцинирани се 401 336 граѓани.
Со последните бројки, барем една доза вакцина имаат примено 64 проценти од населението над 70 години, 62 отсто од лицата над 65 години, 57 проценти од оние над 60 години, како и 45 отсто од жителите над 50 години, информираат од ресорното Министерство.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата, а непречено се одвива и процесот на теренска вакцинација со ротации на медицинските екипи во руралните населени места. За закажување за вакцинирање на деца отворен е сајтот vakcinacija.mk.
Од почетокот на епидемијата досега во земјата се направени вкупно 994 490 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 156 707, бројот на оздравени пациенти е 150 440, а на починати е 5497.
Повеќе од четири милиони луѓе се заразени со Ковид-19 ширум светот во изминатата недела, а повеќе од 64.000 починаа, соопшти вчера Светската здравствена организација (СЗО).
– Бројот на нови случаи на инфекција се зголемува повеќе од еден месец. Минатата недела се потврдени повеќе од четири милиони, се вели во неделниот билтен на СЗО.
СЗО бара 11,5 милијарди американски долари итни средства за борба против позаразната делта варијанта на коронавирусот. Голем дел од парите што се бараат од партнерите на СЗО се потребни за купување тестови, кислород и маски за лице за посиромашните земји.
Директорот на Светска здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус вчера побара воведување мораториум за дополнителни дози вакцина против Ковид-19, барем до крајот на септември. Според него, ова е неопходно за да може да се вакцинираат најмалку десет проценти од населението со две дози на која било земја во светот, што е и целта на СЗО.
– Мораториумот ќе овозможи да се испратат повеќе вакцини во земјите со ниски приходи каде има недостиг од нив. Треба да се фокусираме на луѓето кои се најранливи и најмногу изложени на ризик од сериозни болести или смрт, тие треба да ја добијат првата и втората доза, истакна Гебрејесус.
Францускиот претседател Емануел Макрон најави дополнителни 100 милиони евра итна помош за Либан и 500.000 дози вакцини против Ковид-19 за таа земја.
Австрискиот министер за образование Хајнц Фасман вчера, пак, го претстави планот за безбеден почеток на новата учебна година и покрај пандемијата со Ковид-19. Стратегијата вклучува „систем за рано предупредување“, проширена стратегија за тестирање, вакцинирање и купување прочистувачи на воздух.
Поради сложената епидемилошка ситуација и високите стапки на морбидитет на 100.000 луѓе пријавени во последните 14 дена во земји блиски до Бугарија, бугарското Министерство за здравство им препорачува на своите граѓани да се воздржат од непотребни патувања во Грција, Кипар и Турција.
И во Косово има зголемен е бројот на заразени со Ковид-19. Од извршени 3.160 тестирања со методот РТ-ПЦР, како заразени се потврдени 221 лице, што е највисока бројка на новозаболени од Ковид-19 уште од крајот на април годинава.