вторник, 12. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Расте бројот на заразени и хоспитализирани од коронавирус, вчера починаа 22 пациенти

Расте бројот на заразени и хоспитализирани од коронавирус, вчера починаа 22 пациенти

Бројот на новозаболени од Ковид-19 и на хоспитализирани во земјава секојдневно се зголемува. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје за изминати 24 часа, регистрирани се уште 872 случаи со Ковид-19, 22 пациенти починаа, а 412 пациенти се оздравени.

На инфективните оддели во земјава се лекуваат 899 пациенти со Ковид-19 од кои 353 се во Скопје и има околу 330 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 108.350, бројот на оздравени пациенти е 95.822, на починати е 3.228, а на активни случаи изнесува 9.300. Од вкупниот број активни случаи 4485 се во Скопје, 704 во Прилеп, 531 во Кавадарци, 428 во Охрид, 355 во Куманово, 318 во Неготино, 271 во Тетово, 267 во Гевгелија…

Вакцина против Ковид-19 до вчера примиле 3.759 здравствени работници.

За вакцинација против Ковид-19 до вчера се пријавиле 130.463 граѓани од кои 76.990 преку веб-страницата vakcinacija.mk, а 53.473 преку матичните лекари. Од вкупно пријавените за вакцинација 61.908 граѓани се на возраст над 70 години.

Премиерот Зоран Заев синоќа во телевизиско гостување рече дека државава има нарачано околу 2 милиони и 350 илјади вакцини и оти се очекува од крајот на месецов да почнат да пристигнуваат поголеми количини.

-Договорот со „Фајзер“е потпишан. До крајот на март 21.000 вакцини ќе стигнат. Од април, мај почнуваат да стигнуваат поголемите количини. Преку Ковакс очекуваме од 20.000 до 30.000 да стигнат до крајот на март. Во март очекуваме да стигнат и кинеските вакцини. Работите зависат од севкупните количини произведени во светот, додаде Заев

Владата вчера во рамки на 51.седница ја разгледа и усвои информацијата за потребата од реструктуирање на проектот за итно справување со Ковид-19, односно на заемот од Светска Банка во висина од 90 милиони евра, и за оваа своја намера да ја извести банката.

Со реструктуирањето на планот за користење на овој заем, како што соопшти владината прес-служба, ќе се обезбедат средства за финансиска награда за здравствените работници за зголемен обем на работа во борбата со Ковид-19 во висина од 7,7 милиони евра за исплата на планираниот бонус за период од девет месеци, односно од април заклучно со декември 2020 година. Дел од средствата ќе бидат пренаменети за набавка на опрема за регионалните здравствени центри, како и за финансирање на набавка на вакцини.

Владата донесе одлука да се спроведе едукативна и информативна кампања од исклучителен јавен интерес за заштита и за имунизација на населението од Ковид-19 и го задолжи Генералниот секретаријат во рок од 15 дена во координација со Министерството за здравство и со Секторот за односи со јавност на Владата да спроведе јавна набавка за избор на идејно и креативно решение и за реализација на кампањата.

Најнови вести