Бројот на заболени и хоспитализирани со Ковид-19 и натаму не се намалува. Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје за изминати 24 часа, регистрирани се нови 1.299 случаи со Ковид-19, 24 починати и 413 оздравени пациенти.
Министерот за здравство Венко Филипче апелира здравствените мерки и протоколи задолжитено да се почитуваат, бидејќи се во интерес на заштита на здравјето на граѓаните.
-Штитејќи се себе си ги штитите и вашите семејства, роднини, пријатели, познаници, а со тоа покажувате и почит кон трудот на здравствените работници, порачува министерот Филипче.
Здравствениот систем секојдневно се менаџира, граѓаните треба да бидат спокојни, министерот Филипче апелира здравствените мерки и протоколи задолжитено да се почитуваат, бидејќи се во интерес на заштита на здравјето на граѓаните.
На инфективните оддели се лекуваат 1289 пациенти со Ковид-19, од кои 543 се во Скопје. За 24 часа во Скопје се хоспитализирани 84 пациенти.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 118.736, бројот на оздравени пациенти е 100.250, на починати е 3.448, а на активни случаи изнесува 15.038 од кои 7736 се во Скопје.
Министерот Филипче вчера изјави дека се соочуваме со навистина силен бран, секој ден има голем број новодијагностицирани случаи и сето тоа бара една организација и прераспределба на пациентите кои се јавуваат во болниците по регионите и пациентите на кои им е потребен хоспитален третман во скопските јавно-здравствени установи.
– Со модуларните болници се зајакнува капацитетот во болниците, на бројот на болнички кревети. Над 30 дополнителни кревети многу значи за болницата во Кочани, заради тоа што таа услужува огромен број пациенти во државата. Тука доаѓаат пациентите од Берово, од Виница, од Пехчево, од Пробиштип, од Каменица итн. Пациентите традиционално бараат лекарска услуга и во други специјалности заради тоа што болницата е позната по својата експертиза, а сега со начинот на прераспределба на работата голем дел од капацитетите се посветени на третман на пациенти со Ковид -19, истакна вчера министерот Филипче по посетата на Општата болница во Кочани.
Во Скопје во тек е вакцинација на здравствените работници. Досега се вакцинирани 6142 здравствени работници. На веб страницата kovid19vakcinacija.mk e oбјавено дека досега 111014 граѓани се пријавиле за вакцинација против Ковид-19.
Министерот Филипче вчера изјави дека масовната вакцинација на населението ќе почне или со вакцината на „Астра Зенека“ или со кинеските вакцини, а ќе биде објавено кога со сигурност ќе има информации дека тргнале вакцините кон земјава.
-Секојдневно сме во комуникација, производителите се соочуваат со предизвик да ги испорачаат потребните вакцини ширум земјата. Имаме некакви најави и тие најави се за крајот на месецот, првите недели на април, но повторно, имајќи го искуството од досега, искуството од останатите земји, искуството со Ковакс системот, сите тие соочени со тој предизвик, тогаш кога ќе бидеме информирани сигурни дека тргнале кон нашата земја ние тоа ќе го објавиме, рече Филипче.
Оцени дека вакцинацијата на здравствените работници се одвива добро и дека кога таа ќе заврши ќе има сериозно висок процент вакцинирани здравствени работници, особено на тие кои работат со ковид пациенти.
– Првата група вакцинирани здравствени работници од 4000 доктори се вакцинираше целосно и таа група се ревакцинира со вакцината на „Фајзер“. Допонително со руската вакцина уште 700 до 800 лекари од 3000 треба да завршат. Буквално од сите болници, ЈЗУ, лаборатории, ПЗУ, матични лекари, стоматолози…, сите категории здравствени работници се вакцинираат со динамика која самите ЈЗУ ја даваат, односно сите што работат со пациенти заболени од Ковид. Вакцинацијата добро се одвива и кога таа ќе заврши ќе имаме сериозно висок процент вакцинирани здравствени работници посебно тие кои работат со ковид пациенти. Ќе бидат сите заштитени за да можат како најкритична група посебно сега соочувајќи се со овој бран да работат заштитено, додаде Филипче.