Комисијата за заразни болести на денешниот состанок донела одлука да препорача неколку мерки кои треба да ги усвои Владата. Комисијата бара сите вработени во јавните и државни институции за да одат на работа да мора да имаат сертификат за вакцина.
-Вработените во сите владини институции мора да имаат сертификат за најмалку една примена вакцина, или ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок, или да имаат потврда за прележан ковид19 или да имаат потврда дека не смеат да примат вакцина, потпишана од специјалист, а листата на болести ние ќе ја подготвиме, изјави министерот Филипче.
Тој го повика приватниот сектор, односно приватните компании да се приклучат на овие одлуки. Воедно Филипче изјави дека Комисијата на Владата ќе и предложи вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници. Мерките би требало да стапат на сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, а ќе се даде период од 30 дена за здравствените работници кои досега не се вакцинирани.