Во земјава бројот на заразени од коронавирусот вчера порасна за 12, а со тоа вкупниот број на заболени со овој вирус моментално изнесува 148. Од новите заразени, седум се во Скопје, а пет во Куманово. Најмладиот пациент заболен од вирусот Ковид-19 во земјава е двегодишно дете од Скопје, а позитивни на овој вирус се и неговите родители, но сите се со лесна клиничка слика и се на домашно лекување.
Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во Скопје (88), Дебар (40) – од кои еден починат, Куманово (осум) – од кои еден починат, Штип (седум), Кавадарци (два), Охрид (два), Гостивар (еден).
На Инфективната клиника се хоспитализирани 29 пациенти кои се лекуваат стационарно, од кои во тешка општа состојба на респираторна машина е една пациентка, кај која во последните денови нема промена, шест се со потешка слика, но респираторно се самостојни. Амбулантски, како што информираше на вчерашната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, се прегледани седум пациенти и земен е еден брис. Тројца пациенти имаат хоспитален третман, а тројца се на домашно лекување.
Од вчера Институтот за јавно здравје спроведува тестирање на сите лица кои беа во врска со директорката на Кожната клиника. Се работи за голема бројка, тие се се уште во изолација и за да нема оптоварување во лабораторијата, Филипче рече дека ќе се тестираат во неколку циклуси.
Од денеска е целосно укинат меѓуградскиот и градскиот превоз во Општина Куманово, а Владата од вчерашната седница даде препорака да се затворат сите продавници во полуотворените трговски центри кои не се молови.
Според министерот, со овие мерки, односно со дополнително укинување на врските во Куманово со другите општини има сериозна шанса да се спречи патот на ширење на коронавирусот.
Владата донесе и одлука со која Институтот за јавно здравје се задолжува за поинтензивна работа во целиот кумановски регион со оглед на тоа што од таму е една од починатите од коронавирусот и неколкумина заболени.
Кај заболените од коронавирусот од денеска ќе почне да се применува комбинацијата што ја содржи лекот хидроклор и азитромицин што веќе се покажа ефикасен во повеќе земји. Таа комбинација, како што информираше Филипче, е одобрена на вчерашниот состанок на Комисијата за етички прашања во Агенцијата за лекови – МАЛМЕД, а ќе биде аплицирана и во болнички и во домашни услови по соодветна индикација од лекар.
Во однос на тестовите за вирусот Ковид-19, Филипче информира дека сите се унифицирани, имаат исклучително висока сензитивност, но за жал ниту еден тест не е 100 проценти точен. Тестовите што се користат кај нас се германски и има протокол кој мора да го задоволи тестот за да се користи во лабораторија за вакви цели, а починатата пацинетка од Куманово, спаѓа во тој исклучително мал процент на случаи во кои тестот не го детектира вирусот. Тој дополни дека постојат и тестови што ги анализират антителата, односно не го детектираат вирусот, туку утврдуваат дали некој го прележал.
За функционирањето на системот преку „Мој термин“, како што информираше Филипче, без закажување нема да може да се оди на пунктовите за тестирање, туку тоа ќе се прави со закажување преку матичните доктори.
На денешната седница на Комисијата за заразни болести ќе се разговара за моделирање на начинот на движење за време на викендот.
Веќе четврти ден во земјава се спроведува и полицискиот час. За сите граѓани е забрането движењето од 21 до 5 часот, а лицата лица постари од 67 години не смеат да излегуваат од дома од 11 часот претпладне до 5 часот наутро, додека младите до 18 години од 21 часот до 12 напладне.