Полициски службеници на иницијатива на ОВР Струга во струшкото село Лабуништа, вчера одржаа работен состанок со членови на советодавна група граѓани и председателите на месните заедници од селата Лабуништа, Октиси, Подгорци, Боровец и Јабланица. Средбата, како што соопшти МВР, имала информативно-превентивен карактер во врска со актуелната состојба со појавата на вирусот Ковид-19, прогласената кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, како и преземање мерки за заштита на целото подрачје од корона вирусот.
На работната средба, како што соопшти Министерството за внатрешни работи, на присутните им било укажано на потребата од доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и сузбивање на коронавирусот, што ги презема Владата. Посебно била нагласена потребата од почитување на препораките за самоизолација во период од 14 дена на лицата кои доаѓаат од високоризичните земји, со посебен акцент на лица од Италија.
– Договорена е засилена координација на председателите на месните заедници со полициските службеници за прецизно утврдување на идентитетот на лица кои во изминативе денови допатувале од високоризичните земји, со насоки и укажувања за доследна примена на препораката за 14-дневна самоизолација во сопствените домови. Договорено е, на таквите лица да им се укаже на обврската за задолжителни телефонски контакти со Центарот за јавно здравје во Охрид на мобилниоот телефон 070 723 029, се наведува во соопштението.
Во случај на потреба од дополнителни информации, сите правни и физички лица можат да се обратат на полицискиот телефон 192 и исклучително да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, додаваат од МВР, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.