недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Војната во Украина причина за предвремени парламентарни избори во Македонија?!

Војната во Украина причина за предвремени парламентарни избори во Македонија?!

Дваесет и еден ден откако сирените во Украина го вознемирија светот.

Руската агресија врз Украина беше почеток на едно ново нормално по коронакризата која две години ги затвори луѓето во своите домови.

Војна која комплетно ќе ја измени демократијата, слободата и човековите права, војна која економиите на сиромашните земји ќе ја донесе пред капитулација, поради ценовните шокови кои за само дваесет дена вртоглаво се менуваат.

Цените на нафтата, струјата, прехранбените суровини се вивнаа „до плафон“.

Имено цените на нафтата достигнаа и 130 долари за барел, струјата драстично се покачи, зејтинот, брашното, шеќерот, солта… никогаш немале волку високи цени.

Некои луѓе ќе речат, па ова е нормално кога има војна… Да нормално е! Но исто така нормално е кога ќе почне да се случуваат вакви шокови, владите во државите да преземат соодветни мерки и да го ублажат растот на цените.

Уште понормално е кога државата за ваквите глобални случувања има информација неколку месеци пред таа да се случи, да дејствува соодветно, а не да истата да молчи и да биде нем набљудувач на ситуацијата.

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за ТВ Телма, во еден од одговорите рече дека тој имал информации за војната во Украина уште лани во ноември, а штом имал тој, имала и владата на СДСМ и ДУИ.

-Американските разузнавачи ни ја дадоа информацијата дека Русија ќе ја нападне Украина. Ја споделивме веднаш со институциите кои се под нас. Тоа беше на ниво на информација. Следниот месец, големите медиумски сервиси не веруваа во тоа, но кон крајот на декември, НАТО и ЕУ потврдија дека информацијата е точна, рече Пендаровски.

Но македонските власти цели пет месеци молчеа и ништо не преземаа. Дојдовме до ситуација повторно да го молиме Александар Вучиќ да ни даде пченица, претходно го молевме за вакцини, а во секоја прилика не забораваме да се пофалиме дека сме земја членка на НАТО.

Како земја членка на НАТО мора да почнеме да размислуваме позрело, бидејќи ако ги земеме другите земји членки на Алијансата, со кои честопати сакаме да се споредуваме ќе видиме дека не сме ни приближно блиску до нив.

Цели пет месеци властите не преземаа ниту еден чекор со кој ќе им се олесни животот на македонските граѓани, но затоа сега во „пет до дванаесет“, експресно се донесоа економски мерки, но од вчера и се променија униформите на полицијата, нешто што ДУИ одамна го ветуваше.

Мириса на предвремени парламентарни избори?!

На почетокот на годината, новиот премиер на Бугарија, Кирил Петков ја посети Република Македонија, беше пречекан од наследникот на Зоран Заев, Димитар Ковачевски.

Оваа посета беше на 18 јануари, дента кога Бугарија ја признала независноста на Македонија.

И посетата беше на највисоко ниво, по завршување на истата, од двете страни веднаш побрзаа да кажат дека преговорите започнале одлично и дека предлогот за 5+1 веќе станал 4+1. Потоа по барање на Петков беше воведен директен лет Скопје – Софија, па министрите на двете земји и нивни делегации се возеа со авион, ПР-от беше пуштен на најјако.

Но, војната во Украина им ги помати сметките. Речиси еден месец никој ништо не збори за преговорите, за барањата на Бугарија, за предлозите… Во близина на бугарската граница, кај Црно Море, се случува војна, целата бугарска политика во моментиве се фокусира на тој момент, а Македонија повеќе не е приоритет за Бугарите.

Апропо ваквата ситуација, Ковачевски и Груби, знаејќи дека шансите за добивање датум за преговори со ЕУ се речиси невозможни, решија со популистички мерки да ни наговестуваат предвремени парламентарни избори, кои големи се шансите да се случат на есен оваа година.

За помислата дека шансите се речиси невозможни да ги започнеме преговорите со ЕУ во Јуни на некој начин ни потврди и Жозеф Борел, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ.

-Не можам да ви ветам датум но можам да ви ветам волја, рече Борел.

Жосеп Борел: Не можам да ви ветам датум

Доколку на оваа влада и беа приоритет граѓаните, економските мерки кои ги донесоа сега ќе ги донесеа дента кога ја добиле информацијата за руската инвазија, немаше да чекаат бензинот да се вивне „во плафон“, немаше да чека ценовните шокови да направат хаос во државата, немаше да дозволи граѓаните да се „тепаат“ за зејтин, брашно, сол…

За помислата за предвремени парламентарни избори да биде уште по реална овозможи и објавата на министерот Артан Груби, кој пак важи за иден лидер на ДУИ, доколку Ахмети се повлече од таа функција.

Артан Груби вчера се пофали дека полициските униформи стануваат двојазични.

-Уште една успешно извршена задача! Албанскиот јазик официјално и во полициските униформи! На денешната седница на Владата ја усвоивме измената на Уредбата за униформите и нивните симболи со која се предвидува употреба на албанскиот јазик како службен јазик во униформите на полициските служби согласно законот, напиша на Фејсбук, министерот Груби.

УШТЕ ЕДНА УСПЕШНО ИЗВРШЕНА ЗАДАЧА: Албанскиот јазик и официјално на полициските униформи, се пофали Груби

Ако денот по утрото се познава, војната во Украина и носи предвремени парламентарни избори на Македонија.

 

Ристе Здравков

Најнови вести