Институтот за јавно здравје го објави неделниот извештај за состојбата во коронавирусот во Македонија. Истиот се однесува за период од 14 до 20 февруари во кој регистрирани сe 6.119 нови позитивни случаи од 34 градови во државата.
Овие бројки се намалување од 29,2% во однос на неделата претходно (n=8.638). Процентот на позитивност се движи од 16,7% до 31,1%, просечно 25,8%.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 14.02.2022 до 20.02.2022г.,тестирани се вкупно 23.396 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 11,2% во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=3.262; 53,3%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Неготино – 519,1/100.000, Скопје – 514,3/100.000 и Кавадарци – 507,4/100.000.
Процентот на позитивност се движи од 16,7% до 31,1%, просечно 25,8%. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60г (n=1.482, 24,2%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=327; 5,3%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 31,5% во возрасната група од 20-29 години и 31,2% кај лицата на возраст од 50-59 години.
Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 8.797 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 863 реинфекции, со намалување за 29,8% во однос на претходната недела.
Пријавени се 106 смртни случаи во 23 градови во текот на изминатата недела, за 27,9% помалку во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (41). Во однос на возраста, најголем број (n=101; 95,3%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (4) и 40-49 години (1).
Во „Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика“ при ИЈЗ на РСМ, во текот на изминатата недела, кај 49 позитивни примероци на SARS-CoV-2 од болнички и примероци од пунктовите е направено PCR тестирање за детекција на Омикрон сојот.
Позитивните примероците се одбрани од тестираните позитивни во период од 14-20.02.2022 година, од следните градови: Скопје, Кавадарци, Тетово, Охрид, Струга, Кочани, Велес, Свети Николе, Штип, Виница и Гевгелија.
Во 29 (59,2%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на Омикрон.
Во 20 (40,8%) од испитуваните примероци е докажана BA.2 сублинијата на Омикрон – позната уште и како „stealth“.
На 17.02.2021 во Р. С. Македонија започна вакцинацијата против COVID-19. Заклучно со 20.02.2022, вакцинирани се вкупно 869.763 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 848.573 лица, а со трета доза се вакцинирани 140.455 лица.