Надлежните во земјава најавија можно постепено ублажување на мерките за заштита од коронавирусот, но и дополнителни мерки како задолжително носење заштитна маска, кои ќе одат заедно со намалувањето на ограничувањето на движењето. Денеска на седница Владата ќе ја разгледува можноста за намалување на времетраењето на полицискиот час и олеснување на движењето на помладите и повозрасните. Претходно од Владата најавија и изработка на оперативен план за почеток на враќање на процесот во нормала по првомајските празници.
Предлогот е да се направат следните измени: полицискиот час секој работен ден да започнува во 19 часот наместо во 16 часот, како што беше досега. Со ова ќе се добијат дополнителни часови граѓаните да ги завршат обврските и да набават намирници, за повозрасните граѓани наместо од 10 до 12 часот да продолжи времето на движење од 8 часот до 12 часот, продолжување на периодот во кој се движат младите до 18 години и тоа ќе биде од 13 до 16 часот. Предлог е полицискиот час за време на викендот да остане, но со скратено време и сега да почне во сабота во 13 часот и да заврши во понеделник во 5 часот. Останува забраната за групирање на граѓаните и сите други мерки што се во сила во однос на физичката дистанца, користењето на јавните површини и парковите.
-Сите рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот дадоа добри резултати. Мерките мора да останат во сила се додека не сме сцелосно сигурни дека состојбата е под контрола и дека сме го поминале пикот на болеста. Сепак, најновите анализи и проекции покажуваат дека се создадени услови за благо релаксирање на рестрикциите за движење, но на сметка на подигнување на мерките на лична заштита и согласно овие анализи Министерството за здравство и Комисијата доставија до Владата предлог – измени во мерките за ограничување на движењето и воведување нови мерки за лична заштита на населението, истакна вчера на онлајн прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Паралелно со ова релаксирање на мерките, потенцира, се воведуваат нови задолжителни мерки на лична заштита и граѓаните ќе треба да носат лична заштитна опрема на лицето при движење во затворени објекти и на отворено во ситуација кога нема да бидат во можност да се одржи препорачаната физичка дистанца од два метра.
– Попрецизно заштитна опрема треба да се носи при движење во сите јавни места од затворен тип како маркети продавници, банки, пошти, чекалници, здравствени установи каде има повеќе лица. Во однос на отворените површини заштитната опрема мора задолжително да се носи на места каде нема простор за дистанца од два метра. Задолжително носење на заштитна опрема важи на пример за пазарите како најдобар пример за место од отворен тип. Исклучок за носење заштитна опрема на отворено се прави само ако лицето носи заштитна опрема на работа која е пропишана со работното место како погони, фабрики…, ако престојува во двор на семејна куќа, вози велосипед или спортува на отворено и ја држи потребната дистанца од два метра и не го прави тоа во групи согласно постојните рестрикции, при возење во патничко моторно возила со лица со кои лицето живее во заедница или домаќинство или при движење на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метра од другото лице кое е во непосредна близина, истакна Филипче.
Додаде дека под заштитна опрема за лице се подразбира каква било форма која ќе го покрива пределот на носот и устата како маска за еднократна или повеќекратна употреба или марама или шал или слично што може да ја прекрие устата и носот во насока на спречување на ширењето на коронавирусот.
Министерот за здравство истакна дека уште не сме влезени во периодот кога пикот на најмногу заразени пациенти со коронавирусот е поминат. Според него, останува прогнозата дека врвот на епидемијата се очекува на крајот на месецот април или почетокот на мај.
Тој во одговор на новинарско прашање истакна дека бројот на тестираните пациенти е намален, но тоа било очекувано поради празниците, токму заради тоа има и помалку позитивни.
Претходно Министерството за здравство соопшти дека вчера биле регистрирани седум нови случаи со коронавирус, како и дека во Скопје првпат не е регистриран ниту еден позитивен на вирусот. Вчера втор ден по ред имаше повеќе излекувани од заболени од коронавирусот.
Пред два дена, премиерот Оливер Спасовски најави почеток на враќање на процесот во нормала по првомајските празници.
– Подготвуваме сериозен план, после првомајските празници да започне процес на враќање на нормала.Тоа нема да биде бргу, ниту веднаш, напиша Спасовски на својот Фејсбук профил.
Премиерот Спасовски претходно на онлајн прес – видеосесијата Ковид-19 „Ретроспектива: коронавирус МК“, информираше дека се прави сериозен план за тоа како и на кој начин после 1 мај да се почне со олеснување на некои од мерките, а кои ќе бидат во функција на враќање на животот во нормала.