Ние не сакаме да знаеме дали ќе постои или не оваа држава, дали оди напред или заостанува назад, се додека не постигнеме договор. Некој договор пред да влеземе во влада дека ова е наш дел и за тоа не разговараме. И дали функционира оваа држава или не, нас не не интересира.
Ова во телевизиско интервју го изјавил Џезаир Шаќири, познат како Командант Хоџа, кој пет дена му беше советник на премиерот Зоран Заев, пред денеска да си поднесе оставка.
Оваа изјава во интервјуто, се коси неговата денешна изјава и изјавата на Заев.
– Му најавив на премиерот дека се повлекувам од функцијата бидејки не сакам да му наштетам нему, а особено не на земјава кон патот на ЕУ и НАТО, рече Шаќири за НоваТВ.
Заев, пак, денеска во Охрид изјави дека Шаќири му рекол оти му пречат реакциите на јавноста и дека ќе се повлече затоа што си ја сака државата.
Симптоматично е како некој може да се повлече од функцијата затоа што си ја сака државата, а од друга страна да дава изјави оти не го интересира како функционира таа.
За ова денеска реагираше и ВМРО-ДПМНЕ.
Партискиот портпарол, Наум Стоилковски потенцира дека Хоџа јасно вели оти не го интересира дали Македонија ќе постои или нема да постои.
– Јасно е дека Хоџа не го интересира дали Македонија оди напред или назад и дали државата функционира или не. Хоџа можеби сака некаква Македонија, но не унитарна и мултиетничка каква што е сега. Сега да погледнеме како размислува Хоџа за војна и за припојување кон Албанија или Косово, пред да биде поставен на висока функција од неговата политички звезда Зоран Заев, вели Стоилковски.
Тој додава дека Заев пред да го именува таканаречениот Командант Хоџа за свој премиерски советник ги знаел овие негови ставови. Така што Зоран Заев лаже. Тој се сретнал со него и разговарале за позициите на Џезаир Шаќири кој се наоѓа и на американската црната листа. И покрај се, Заев одлучил дека тој е најкомпетентен да му биде советник за безбедност и борба против радикализам.
-Ваквото однесување на Зоран Заев е срамно. Ваквото мајтапење со граѓаните, државата и нејзините институции е недозволиво. Зоран Заев и сите оние кои што ги вршеле безбедносните проверки за Командантот Хоџа и препорачале тој да биде висок функционер мора да сносат одговорност. Пред само неколку дена дури и Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го бранеше именувањето на Хоџа и не гледаше ништо спорно и контраверзно во фактот дека радикал од црната листа, чие име се поврзува и со убиство на полицаец, треба да го советува и премиерот и за полицијата. Време е сите овие натуршци во македонската политика да си заминат. Граѓаните не заслужуваат ваква неодговорна и криминална власт, истакна Стоилковски.