недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Зошто се смени начинот на објавување на починатите од Ковид-19? МЗ ненадлежно, ИЈЗ молчи

Зошто се смени начинот на објавување на починатите од Ковид-19? МЗ ненадлежно, ИЈЗ молчи

Веќе десетина дена Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје го променија начинот на кој досега информираа во дневниот ковид билтен за починатите лица.

Од почеток на епидемијата со коронавирус во Македонија до 12-ти март, односно повеќе од една година дневната статистика која ја добиваа медиумите и објавената на официјалните профили на социјалните мрежи на Министерството за здравство и министерот Венко Филипче беа исти. Но, од 13-ти март начинот на кој се објавуваат податоците кои се однесуваат на лицата кои починале како последница од коронавирус во изминатото деноноќие е променет.

Покрај вкупниот број на починати, заклучно со 12-ти март, се објавуваа и податоци за бројот на починати пациенти по градови и нивната возраст по градови.

извадок од дневна ковид статистика објавена на 12.3.2021 година

Веќе следниот ден, 13 март начинот на објавување е променет. Имено, како што во продолжение може да се забележи, покрај вкупниот број на починати лица сега се објавува само најниската и највисоката старосна возраст на починатите пациенти, односно „од-до“. Нема податоци точно на која возраст се сите починати од девните извештаи, ниту пак лицата кои починале од одреден град на која возраст биле.

извадок од дневна ковид статистика објавена на 13.3.2021 година

 

извадок од дневна ковид статистика објавена вчера, на 23.3.2021 година

 

Во текот на вчерашниот ден Курир се обрати до Министерството за здравство од каде побаравме одговор од кои причини е направена промената. Оттаму одговорија дека МЗ не ја подготвува дневната статистика.

-Министерството за здравство не ја подготвува дневната статистика туку објавува извештај што го добива од ИЈЗ. За детали околу извештајот обратете се во Институт за јавно здравје, одговорија од Министерството.

Курир вчера се обрати и до ИЈЗ, но до објавување на овој текст одговор не добивме.

Според податоците од вчерашниот извештај, најмладиот пациент кој ја загуби битката со коронавирусот имал само 29 години. Пред три дена, 35 годишен пациент беше најмладата жртва на Ковид-19 во дневниот извештај.

Вчера Министерството за здравство го објави неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со кронавирусот во Македонија кој се однесува за периодот од 15-21 март. Извештајот за наведениот период регистрира зголемување на бројот на смртни случаи за 22,5 проценти во однос на претходната недела. Регистирани се 158 смртни случаи од 27 градови. ИЈЗ информира дека во однос на возраста, 135 лицa биле над 60 години, 19 лица на возраст од 50-59 години, три лица од возрасната група 40-49 години и едно лице на возраст од 30-39 години.

Од почеток на епидемијата во Македонија регистрирани се 3.528 смртни случаи. Регистрирани се 3 смртни случаи кај бремени жени и 27 смртни случаи кај здравствени работници (заклучно со 04.01.2021). Од пријавените случаи 188 починале во вонболнички услови, а 3.315 починале за време на хоспитализација (податоци кои се однесуваат заклучно со 21 март).

Најнови вести