Словенечките здравствени власти објавија дека во земјата се регистрирани само шест нови случаи на новозаразни со Ковид-19, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Во болниците низ земјата се хоспитализирани вкупно 80 пациенти, а поради потешка форма на болеста во одделите за интензивна нега се лекуваат 22 лица.
Вчера уште еден човек почина како последица од Ковид-19, со што вкупниот број починати се искачи на 83.
Жариште на заразата се уште се домовите за стари лица, каде најголем дел од инфицираните се пензионери, но има и медицински и технички персонал.
Премиерот Јанез Јанша изјави дека Словенија е позитивен пример за тоа како успешно се води битката со коронавирусот, а за тоа земјата добила пофалби од многу страни.