Се уште нема пункт за тестирање, а потребни се и апарати неопходни за следење на состојбата на заразените во Дебар – првото жариште на Ковид-19 во земјава.
– Иако Владата најави отворање 14 пунктови за тестирање од коронавирус, во Дебар тоа сè уште не е направено. Покрај отворањето пункт за тестирање, од Владата бараме да бидат доставени повеќе апарати кои се неопходни за мониторирање на заразените лица со Ковид-19, изјави градоначалникот на Дебар Хекуран Дука, кој раководи и со општинскиот Оперативен штаб, на денешната редовна седница.
Во врска со барањето за еден гинеколог, еден анестезиолог-реаниматор и четворица медицински техничари обучени за лекување лица од инфективни болести, Дука рече дека реализацијата е во тек.
– Безбедносната состојба на територијата на нашето подрачје е мирна, нема регистрирани непочитувања на полицискот час. Препораките на Владата со превентивни мерки за спречување на ширење на коронавирусот во глобала се почитуваат. Сè уште има инцидентни случаи на групирања на граѓани во центарот на градот кои не ја почитуваат препораката за социјална дистанца, рече Дука.
Соопшти дека денеска нема дијагностицирани на Ковид-19 во Дебар и во Центар Жупа. Досега вкупно се заразени 43 лица, од кои двајца се починати, а еден е излекуван. Тринаесет се на лекување во Клиниката за инфективни болести во Скопје и 28 на домашно лекување. Додаде дека вчера се направени 20 тестови во Дебар и Центар Жупа. Во домашна изолација се 210 лица.
Во врска со затекнатите 114 лица, македонски и странски државјани, кои вчера попладне беа вратени од пунктот кај Бошков Мост (на патот кон Маврово) и кај ХЕ „Глобочица“ (кон Струга) рече дека се вратени бидејќи имале само потврда од епидемиолог дека не се болни, а не им било извршено тестирање. Во координација со надлежните служби, рече, очекува проблемот да биде надминат, но сите тие треба да бидат тестирани.
Лицата за кои станува збор се повторно сместени во хотелските капацитети на Дебарски бањи-Цапа, во објектот во Бањиште, каде што беа во изминатите 14 дена, по прогласувањето на кризната сосотојба во Дебар и Центар Жупа, а беа затекнати во Дебар.