четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Музика

Александар Јовевски со музичко – танцова визуелна етно симбиоза во својот – „Александров танц“ (ВИДЕО)

Александар Јовевски со музичко – танцова визуелна етно симбиоза во својот – „Александров танц“ (ВИДЕО)

„Од колено на колено” e нов музички етно проект (албум) на Александар Јовевски на кој базата е македонскиот фолклор, традиција и идентитет и е проект од национален интерес за Македонија.

На носачот на звук „Од колено на колено” се застапени обработки на стари македонски изворни песни, но и авторска музика, творена во духот на македонската традиција, преточена во нов музички израз по кој е препознатлив мултиинструменталистот, композитор, аранжер и автор Александар Јовевски, инаку и лидер на етно составот „Монистра“.

Пред концертната промоција на овој негов соло проект, закажана на 19-ти септември во Македонска филхармонија со почеток во 20 часот, овој македонски мултиинструменталисткако своевидна најава за настанот промовираше ново видео од својот проект и тоа со своја авторска песна од него.

Се работи за една прекрасна инструментална етно тема, насловена „Александров танц“, во која е содржана мешавина од стилови, бои и звуци… Од оние традиционалните, со изворни инструменти, до оние современите од кои како да „извира“ филмската музика, а на моменти дури ја допираат и класиката… Сепак она што е примарното, оригиналното, изворното – македонскиот фолклор, доминира како своевидна подлога, како база на темата, како впрочем и во целиот албумски проект.

На сето ова приказната уште поубаво ја обликувал со соодветна визуелизација охридскиот видео – волшебник, режисерот Даниел Јовески, посипувајќи ја со сопствена „видео прашина“ за современата етно магија и визуелно да биде комплетна.

И сето тоа слеано во една аудиовизуелна приказна во која бојата на звуците ја милуваат душата, природните убавини на Македонија се прелеваат со впечатливиот колорит на народните носии, ритамот на танцот сплотен со егзотиката и убавините на женското тело го надополнува нежниот но моќен вокал без стихови… Музичко – танцова визуелна симбиоза која ќе ве остави без зборови!

Автор на музиката и аранжманот се на Aлександар Јовевски кој свири пијано, кавал и тамбура, вокалот е на Елена Васова,Горан Гешовски е на бас, Ратко Даутовски задолжен за перкусиите.

Сето ова е снимано, миксано и мастерирано во студиото „Подрумот“ на Aнгел Ќосев. Продукцијата ја потпишуваат Александар Јовевски и Ангел Ќосев.

Видеото, режијата и монтажата се на веќе споменатиот Даниел Јовески и Sustain Production, додека Aнтонио Стојчевски – колекционерот на народни носии е тој кој ги позајмил за снимањето носиите од етничките предели: Средорек, Бојмија и Горна Преспа, а во видеото се појавуват уште и моделите Анастасија Бошковска, Мануела Бошковска и Исидора Стефаноска, додека за современиот танц била задолжена Сара Цветковска.

Како звучи и изгледа етно темата „Александров танц“, проследете во продолжение: