Култната македонска поп-рок група „Меморија“ како да е предодредена да и биде судбинска на Македонија. Или поточно нејзините песни. И тоа уште од самиот почеток на независноста, од првите секунди на прогласувањето на самостојноста и сувереноста на, па се’ до ден денес, до најголемите спортски успеси на земјата.
Оние што добро паметат, пред 31-на година, на 8-ми Септември 1991-та кога на градскиот плоштад во Скопје беше прогласена независноста, самостојноста и сувереноста на Република Македонија, на сцената тоа се случи со звуците на песната „Македонија“ и настапот токму на членовите на „Меморија“!
Минатата година, кога Македонија или поточно нејзината фудбалска репрезентација го обезбеди првиот историски пласман на едно големо натпреварување како што беше ЕП во фудбал, македонските навивачи на улиците на Букурешт каде што Македонија ги играше првите натпревари, одново ја загреваа атмосферата со песна на „Меморија“, пеејќи го во еден глас нејзиниот голем хит „Дирлада“.
По првиот натпревар кој иако го загубивме на улиците на романската престолнина од грлата на навивачите ечеше „Оган под ѕвездите“… Што ли ќе беше да победевме?
Веројатно истото и уште посилно од тоа, како што беше вчеравечер ( 17 април 2022) во Скопје, во соблекувалните по натпреварот на нашите ракометари и победата над чешка во клучниот бараж натпревар и пласманот на Светското првенство.
Ако за навивачите е можеби вообичаено, за спортските херои уште повеќе… Да се сплотат грлата и емоциите и прослави успехот со… „Оган под ѕвездите“! Како некое непишано правило, како „неофицијална химна“ која спонтано се пее од душа и срце, со полни гради и гласни грла при секој успех, при секоја историска или голема спортска победа на Македонија… Од плоштадите, улиците, трибините, соблекувалните… Љубовта кон светото име на татковината и нејзините достигнувања секогаш кога душата се радува, спонтано се слави со песна на Меморија!