вторник, 26. декември 2023. Вести денес: 0
home Музика

Со концерт на „Нонет +“ започна одбележувањето на 60 години Музичка младина на Македонија

Со концерт на „Нонет +“ започна одбележувањето на 60 години Музичка младина на Македонија

Со концерт на Камерниот ансамбл „Нонет +“ што синоќа се одржа во Офицерскиот дом во Битола, започна одбележувањето на 60-годишнината од постоењето на Музичката младина на Македонија.

Младите музичари Дарко Гроздановски, Памела Велкова, Ивана Здравкова, Тамара Охомуш, Верица Ајтовска, Кристина Стојановска, Анеса Зајази, Магдалена Дрмач и Ивона Давидовска, под диригентство на Ангел Спироски, настапија со композиции од Тавенер, Бибер, Перт и Холст.

– Овој настан не навраќа 60 години наназад, каде токму во Битола, млади музичари основаа граѓанска организација која ќе ги застапува нивните идеи и ќе им ги отвора сцените за нивна реализација. Во овие 60 години, Музичка младина на Македонија има околу 10.000 организирани манифестации и концерти, со повеќе од 1.500 уметници како солисти и со над 8.000 учесници и програмски аниматори во различни ансамбли кои ги следеле еден милион посетители. Денес, Музичка младина на Македонија е полноправна членка на Светската федерација на Музичка младина, со развиени форми на меѓународна соработка и можност за учество на млади македонски музичари на околу 200 меѓународни манифестации, истакна Дарко Гроздановски, член на Музичката младина на Македонија.

Со концертот на „Нонет +“, сегашните активисти на Музичка младина се заблагодарија на основоположниците на единствената национална невладина организација што работи со млади музичари, како и на сите кои неуморно работеле на нејзиното опстојување и на континуираното следење на културно-уметничките и на музичките текови.

Музичка младина на Македонија ќе го одбележува јубилејот во текот на целата година со „Подиум на млади – Млад музички албум“, „Слободна Среда“, „Скопје гради музика“, летен музички камп „Етно Македонија“ и концерти на камерните оркестри „Саша Николовски-Ѓумар“ и „Нонет +“.

Вчерашниот концерт беше поддржан од Општина Битола.