Италијанскиот весник „Газета дело Спорт“ излезе со информација дека италијанскиот фудбалски стратег добил атрактивна понуда од клуб од Саудиска Арабија и би можел да се пресели во азиската земја, каде договор веќе имаат Кристијано Роналдо и Карим Бензема.
Според овој медиум, викендов Алегри ќе има средба со претставниците на неименуваниот клуб во Монте Карло и таму ќе му биде претставена понудата и целиот проект, по што Макс ќе треба да даде одговор дали би ја прифатил.
Се чини дека Јувентус не може да си дозволи да го отпушти Алегри додека има договор, но нема да се противи на разделба на барање на тренерот, а во тој случај во игра се неколку потенцијални наследници. Самиот Алегри досега уверуваше дека не планира да замине, но медиумите пренесоа и изјави од негови блиски соработници на кои им признал дека е исцрпен од проблематичната сезона, во која во клубот најмногу се зборуваше за казни.
Медиумите ги споменуваат Игор Тудор и Антонио Конте кои се без ангажман, додека фановите никогаш не го забораваат и Зинедин Зидан, кој исто така во моментов е без обврски кон некој клуб.